вторник, јули 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НАЈАВА ОД ВЛАДЕЈАЧКАТА ПАРТИЈА ВМРО-ДПМНЕ: Уставниот суд ќе се комплетира до крајот...

НАЈАВА ОД ВЛАДЕЈАЧКАТА ПАРТИЈА ВМРО-ДПМНЕ: Уставниот суд ќе се комплетира до крајот на август

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на собраниската Комисија за прашања на избори и именувања, Ѓорѓија Сајковски, ни изјави дека до крајот на следниот месец ќе се пополнат две испразнети места во Уставниот суд

0

Своевидната блокада во која западна Уставниот суд откако се испразнија две судиски места ќе биде надмината во текот на претстојниот месец со изборот на нови судии. Ова за весникот ВЕЧЕР го најави Ѓорѓија Сајковски, претседател на собраниската Комисија за прашања на избори и именувања и пратеник на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека тогаш ќе се комплетира составот на ова судска инстанца.

– До крајот на август, изборот ќе биде завршен – изјави Сајковски, како одговор на новинарското прашање на весникот ВЕЧЕР.

Ова значи дека во тој период ќе треба да се изврши гласањето на пратениците по веќе доставениот предлог на Судскиот совет за избор на Мери Дика-Георгиевска за нова уставна судијка, но и да се достави предлог за избор на нов судија кој ќе треба да го замени досегашниот судија Гоце Наумовски, кој неодамна поднесе оставка на функцијата. Предлогот за замената на Наумовски треба да дојде од редовите на Собранието. Со ова би требало да се надмине застој во работата на Судот кој сега има само седум членови и во повеќе предмети не може да донесе полноважни одлуки бидејќи не може да се постигне мнозинство од пет гласа „за“ колку што е потребно за конечна одлука.

Во изминативе месеци посебно прашање и дилема беше зошто Собранието не го врши изборот на предложената судијка Мери Дика-Георгиевска? Во март годинава, Судскиот совет ја предложи апелациската судијка Мери Дика-Георгиевска за нова уставна судијка, но оттогаш таа не беше избрана. Во април годинава, во македонското Собрание на дневен ред беше ставена точката за избор на Георгиевска, но гласањето не се случи поради недоаѓањето на претставник на Судски совет да го образложи предлогот. По тоа одложување, немаше нов обид за ставање на таквата точка на дневниот ред, и покај фактот што Собранието одржало десетици седници, а Судскиот совет редовно си функционирал.

Претседател на Судскиот совет, Александар Камбовски, за весникот ВЕЧЕР изјави дека тие тогаш не знаеле дека треба да го образложуваат предметот.

– Ние тогаш го доставивме предлогот за судијката заедно со образложението и сметавме дека тоа е доволно. Пречка ни тогаш немаше, а сега чекаме да нè викнат да присуствуваме на седницата на која ќе се гласа за да го образложиме предлогот. Во секој момент досега можевме да дојдеме на седницата – ни рече Камбовски.

Уставниот суд во овој период е на летен одмор и не се закажуваат седници. Тоа значи дека одлучувањето по предметите што се во застој во Уставниот суд може да дојде на ред дури во есенскиот период. Таков е случајот со оспореното платено политичко рекламирање во Изборниот законик. Судиите веќе долго време ги чека одлучување по предметот врзан за Законот за јазиците, кој никако да се стави на маса. Лани, судот оформи предмет и за оспорениот Протокол од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, донесен на 17.07.2022 година во Софија, и за кој иницијаторите бараат поништување. Се чека и одлуката околу долговите на општинските и државните јавни претпријатија кои се движат и до милијарда евра.

Но, од друга страна, доколку судиите не донесат одлука за овие предмети во кус рок, тогаш ќе се соочат со ново намалување на нивниот состав. На 11 јануари 2027 година завршува мандатот на судиите Осман Кадриу и Дарко Костадиновски, кој моментално ја држи функцијата претседател на Судот. Во овој случај, Судот повторно нема да биде комплетен и пак ќе треба да пополнувањето на своите редови кое може да трае со месеци. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ