Понекогаш најголемите човечки дела доаѓаат од најмалите нешта. Две жени од Вељуса, Наталија и Маре, покажаа дека добрината нема граници, откако целата заработка од продажбата на домашно подготвените слатки од цреши на „Црешијадата“ ја донираа за оние на кои им е најпотребна помош.

Нивниот гест не остана незабележан. Со дополнителна лична помош од заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, како и со големиот попуст од компанијата „Ривер софт“, успеаја да обезбедат поголем клима-уред за корисниците на ЈУ Завод за заштита и рехабилитација – Бања Банско.

– Овие прекрасни мајки, домаќинки и сограѓанки, пред сè хуманистки, покажаа што значи човечност и солидарност – порача Михаилов, благодарејќи им за нивниот несебичен потег.

Но, најголемата награда за сите, како што велат, била насмевката и радоста на корисниците на заводот. Топлиот пречек и искрената среќа поради донацијата го направиле денот посебен и незаборавен.

Од заводот упатија благодарност до сите кои помогнаа, а иницијаторите се надеваат дека овој пример ќе поттикне и други луѓе да покажат хуманост и да помогнат таму каде што е најпотребно.

Сепак, потребите не завршуваат тука. Во установата има потреба и од уште еден клима-уред. Сите што имаат можност и желба да помогнат, можат да се обратат до Кире Михаилов или до раководството на Заводот.

ИЗДВОЕНИ