петок, септември 18, 2026
Дома СКОПСКА Наезда на стаорци, контејнерите и отпадот повторно проблем

Наезда на стаорци, контејнерите и отпадот повторно проблем

1

Жителите на Центар алармираат за појава на стаорци во близина на паркингот меѓу ТЦ „Буњаковец“ и основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“.

На фејсбук-страницата „Во одбрана на Буњаковец“ се објавени фотографии од мртви стаорци, а според реакциите на граѓаните, во овој дел од населбата биле забележани и живи глодачи. Фотографиите, според објавата, се направени на 17 септември 2026 година. Граѓаните апелираат до надлежните служби да извршат увид на терен и да преземат соодветни мерки за справување со проблемот.

Од Општина Центар денеска излегоа со соопштение во кое информираат дека редовно вршат дератизација и дезинсекција на целото подрачје на Општината, со цел да се заштити здравјето на граѓаните и да се спречи појава на заразни болести.

– Од почетокот на годината, Општината спроведе редовна пролетна дератизација на целата своја територија, како и две вонредни акции на локации, поради тоа што беше забележано зголемено присуство на глодачи – велат од локалната самоуправа.

Притоа, најавија дека в понеделник ќе се спроведе вонредна дератизација, а од октомври ќе следува и редовната, есенска дератизација.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека општинските служби континуирано ја следат состојбата и реагираат таму каде што има потреба, но дека не може да се реши проблемот само со дератизација.

– Последната вонредна дератизација ја спроведовме пред само еден месец, а в понеделник повторно ќе излеземе на терен. Редовно преземаме мерки, но мора да се отстранат и причините што создаваат услови за појава на глодари. Нередовното чистење на контејнерите и натрупувањето отпад се сериозен проблем. Граѓаните мора редовно да ги одржуваат дворовите, подрумите и заедничките простории во станбените објекти и да не оставаат отпад на несоодветни места. Само со заедничка грижа можеме да имаме чист и безбеден Центар – потенцираше Герасимовски, додавајќи дека при дератизацијата се третираат шахти, простори околу контејнерите и други ризични точки каде што е забележано или пријавено зголемено присуство на глодачи.

Од Службата за  дезинфекција, дезинсекција и дератизација при Центарот за јавно здравје на Град Скопје велат дека причина за појава на глодачите е близината на пазарот Буњаковец, каде што може да се најдат остатоци од храна, но и полни контејнери.

– Проблемот се решава со дератизација во канализациската мрежа. Доколку е изразена појавата на глодачи на одредена локација, се врши вонредна дератизација на таа локација. Поради сè уште топлото време и поради тоа што се излезени глодачите надвор, дератизација не се врши сега, туку некаде во октомври, кога е времето постудено, а глувците се кријат внатре – изјави Николина Соколовска, шеф на Службата за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

Таа вели дека според увидот што го имаат, дератизацијата се спроведува во сите делови од градот.

– Друго е прашањето дали со дератизацијата општините опфаќаат доволен број шахти и дали ставаат доволно отров – нагласува Соколовска.

 (А. П.)

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ