Метеоролозите предвидоа дека утре се очекуваат бури во делови од Тексас и Канзас, денот кога САД ги одржуваат своите среднорочни избори, но експертите велат дека влијанието врз исходот од изборите веројатно ќе биде минимално.
Влажно и мрачно време ќе го зафати централниот дел од САД токму кога гласачите ќе се упатат кон гласачките места, а времето би можело да стане фактор за следење во неколку тесни изборни трки во Тексас и Средниот Запад, објави NBC News.
Се очекува систем на бури да се движи низ централниот дел од САД денес, носејќи ветрови со сила на ураган, ризик од торнада, град и обилни врнежи од дожд.
„Влажна воздушна маса се движи кон делови од Тексас и Оклахома, како и Канзас и Мисури, создавајќи услови за грмотевици“, рече метеорологот Еван Бентли.
Тој рече дека северниот дел на Тексас и Оклахома би можеле да бидат погодени од силни ветрови што достигнуваат брзина од над 120 километри на час, што предизвика загриженост за можни прекини на електричната енергија.
Штабот на кампањата, кој се обидува да донесе што е можно повеќе свои поддржувачи на гласачките места, внимателно ќе следи како времето ќе влијае на излезноста на гласачите, објави NBC.
Во Канзас и Тексас, држави кои би можеле да бидат погодени од бурите, има многу тесни трки за Сенатот.
Метеоролозите предупредија дека на Денот на изборите, во долната долина на реката Мисисипи, како и во области како Мемфис, постои можност за локализирани поплави.
Временската прогноза за Денот на изборите на Западниот брег се очекува да биде пријатна, со повремени врнежи од дожд во северна Калифорнија. Источниот брег се очекува да биде сончев, со дожд што се очекува во Флорида и Мејн.
Анализата на податоците од гласањето покажува дека дождот има само умерено влијание врз излезноста на гласачите.
Бред Гомез, вонреден професор по политички науки на Државниот универзитет во Флорида, ги анализирал претседателските избори од 1948 до 2000 година. Тој рече дека неговиот тим открил дека за секој сантиметар дожд што паѓа во округот над просекот, излезноста на гласачите се намалува за околу 0,8 процентни поени. Сепак, Гомез забележа дека се случиле институционални промени во практиките на гласање, што го отежнува проценувањето дали тој ефект сè уште важи денес.












