петок, септември 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ВРХОВЕН: НЕ Е РАЗЈАСНЕТО КОЈ И КАКО ПРИДОНЕЛ ЗА ТРАГЕДИЈАТА КАЈ ЛАСКАРЦИ

ВРХОВЕН: НЕ Е РАЗЈАСНЕТО КОЈ И КАКО ПРИДОНЕЛ ЗА ТРАГЕДИЈАТА КАЈ ЛАСКАРЦИ

29

Врховниот суд ја укина пресудата на Апелациониот суд за „Ласкарци“ затоа што оценил дека второстепениот суд не одговорил целосно на клучните прашања што ги поставиле осудените во жалбите. Најважно, според Врховниот суд, не било доволно објаснето како конкретно дејствијата на секој од осудените се поврзани со автобуската несреќа и дали врз основа на доказите може да се утврди нивната кривична одговорност.

Во пресудата особено се посочуваат вештачењата и супервештачењето. Во нив како причина за несреќата се посочува пропустот на осудениот возач Маноил Трифуновски, а истовремено е констатирана и неуредната техничка состојба на автобусот. Но, според Врховниот суд, не е доволно објаснето во која мера неисправноста на автобусот влијаела врз несреќата и како конкретно се одразила врз нејзиното предизвикување.

Врховниот суд посочува  од вештачењата дека: немало траги од сопирање на автобусот. Според наодите цитирани во пресудата, сопирањето би било неизбежно во ситуација кога возилото се сопира, независно од капацитетот и ефикасноста на системот за сопирање. Затоа, според највисокиот суд, Апелација требало попрецизно да објасни што значи овој факт за утврдувањето на причините за несреќата.

Врховниот суд оценил дека не е јасно врз основа на кои конкретни факти и докази Апелација заклучила дека и останатите осудени придонеле за несреќата. Во кривичното право, објаснува судот, не е доволно некој да биде поврзан со одредена постапка или функција – мора да се утврди неговата конкретна вина и кривична одговорност за делото.

Врховниот суд нашол недостатоци и во начинот на кој Апелација ги разгледала жалбите. Судот оценил дека не биле разгледани сите наводи на осудените, меѓу кои и барањето на возачот за спроведување супервештачење во врска со неговата здравствена состојба. Апелација, според Врховниот суд, требало да оцени дали такво вештачење е потребно, особено во услови кога постојат спротивставени вештачења.

Критика има и за самите образложенија на пресудите. Врховниот суд оценил дека во првостепената пресуда преовладува описување и пренесување на изведените докази, без доволно наведување на причините за заклучоците на судот. А кога Апелација одлучувала по жалбите, наместо да ги отстрани тие недостатоци, дала, според Врховниот суд, главно општи одговори на прашања кои се од суштинско значење за утврдување на кривичната одговорност.

Токму поради ова Врховниот суд ги уважил барањата за вонредно преиспитување на сите шест осудени, ја укинал пресудата на Апелациониот суд од 17 април 2025 година и предметот го вратил назад во Апелација. Сега Апелациониот суд ќе мора повторно да ги разгледа жалбите, и целосно да се произнесе за сите наводи и да направи детална анализа на првостепената пресуда, како што му наложил Врховниот суд. Одлуката значи дека претходната второстепена пресуда е укината поради утврдени процесни недостатоци и дека Апелација повторно треба да одлучува. Првостепените затворски казни беа 4, 6, 5, 5, 5 и 14 години, а Апелација ги зголеми на 10, 10, 7 и 7 години за четворицата обвинети, додека за Ј.Б. останала казната од пет години, а за возачот М.Т. од 14 години. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ