Општина Ѓорче Петров продолжува со реализација на инфраструктурните проекти во Волково, со конкретните активности за решавање на долгогодишните проблеми на жителите.
Оттаму информираат дека се во тек работни активности за изградба на канализациска мрежа на улицата „37“, во должина од 450 метри, со што по повеќе од 50 години жителите од овој дел на Ѓорче Петров добиваат основна комунална инфраструктура.
– Паралелно, се завршува и делот од улицата што го поврзува Горно Мало со училиштето, со што ќе се подобри пристапот и ќе се создадат побезбедни услови за движење на учениците и на жителите – соопштија од локалната самоуправа.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, информираше дека решавањето на долгогодишните инфраструктурни проблеми останува еден од приоритетите на локалната самоуправа.
– По повеќе од 50 години, семејствата од овој дел на Волково, конечно, добиваат канализација. На улицата „37“ работиме на потег од 450 метри, а паралелно го завршуваме и патниот правец што го поврзува Горно Мало со училиштето. Целта е јасна, а тоа е да обезбедиме подобри услови за живот и побезбедно движење за секое семејство и за секое дете. Секој решен инфраструктурен проблем е важен чекор напред за нашите сограѓани – изјави Стојкоски.












