недела, ноември 1, 2026
Дома КУЛТУРА Книга студии од Иван Антоновски: „Без повод за поводи“– нови читања на...

Книга студии од Иван Антоновски: „Без повод за поводи“– нови читања на македонската книжевност

1

– Годишнините се повод да им се вратиме на писателите. Мене ме интересира што ќе откриеме кога повторно ќе ги отвориме нивните книги. Дали ќе го потврдиме веќе кажаното или ќе најдеме причина да преиспитаме некоја оцена што ја повторуваме со години? Токму можноста едно ново читање да ни го промени погледот кон познат автор ми е меѓу најсилните поттици за истражување. Од таквите читања произлезе и оваа книга, истакнува авторот на „Без повод за поводи“, Иван Антоновски

Необјавени ракописи, недоволно проучени дела, поинакви толкувања на познатите писатели и нови поетски гласови се среќаваат во „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски. Книгата, во издание на „Матица македонска“, ќе биде промовирана на 3 ноември, во 19 часот, во Салон „Империјал 2“ на Културно-информативниот центар во Скопје. Книгата ќе ја промовира проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, директорка на Институтот за македонска литература, по што ќе следува разговор со авторот.

„Без повод за поводи“ обединува 23 студии во пет целини. Низ нив, Антоновски истражува колку нашата претстава за македонската книжевност може да се прошири кога повторно ќе им се вратиме на изворите и на самите дела. Како нивното читање го менува нашето разбирање на авторите и на времето во кое твореле? Такви прашања отвораат студиите за најраната поезија на Блаже Конески и молитвените облици во неговото творештво, за необјавените драми на Васил Иљоски, за книжевната критика на Коста Солев Рацин и за есеистиката на Анте Поповски. Повеќе текстови му се посветени на Ацо Шопов, со внимание кон присуството на Македонија во неговата поезија, почетоците на неговиот опус, поетската форма и делата што останале настрана од поголемиот критички интерес. Истражувањата ги поврзуваат поезијата, драмата, прозата и есеистиката со прашањата за припадноста, културната меморија и човековото искуство. Во тој распон се опфатени домот и корените кај Горан Стефановски, Гоце Делчев во македонскиот драмски текст, книжевното претставување на Митра Миладинова и митските значења на водата во „Големата вода“ од Живко Чинго. Љубовта и стварноста во поезијата на Даница Ручигај и библиските слоеви во „Небото ми е дома“ од Катица Ќулавкова отвораат други толкувачки перспективи. Книгата се осврнува и на творештвото на Јован Павловски, Санде Стојчевски и Раде Силјан, поврзувајќи автори од различни генерации и со различни творечки определби.

Посебно место добиваат истражувањето на псевдонимите во македонската книжевност од XIX век, богатството на македонскиот јазик осум децении по кодификацијата и современите апокрифи во јужнословенски контекст, разгледани преку македонски книжевни примери. Погледот кон книжевната стварност по постмодернизмот и обемната студија за македонските поети родени во самостојна Македонија го поврзуваат преиспитувањето на наследството со следењето на современите книжевни текови.

– „Книжевната наука не смее да се движи според календарот“. Оваа реченица од предговорот на „Без повод за поводи“ најдобро објаснува и зошто го избрав насловот. Годишнините се повод да им се вратиме на писателите. Мене ме интересира што ќе откриеме кога повторно ќе ги отвориме нивните книги. Дали ќе го потврдиме веќе кажаното или ќе најдеме причина да преиспитаме некоја оцена што ја повторуваме со години? Токму можноста едно ново читање да ни го промени погледот кон познат автор ми е меѓу најсилните поттици за истражување. Од таквите читања произлезе и оваа книга, истакнува авторот Антоновски.

Во предговорот пишува: „Оваа книга не нуди последен збор. Таа нуди продолжување на разговорот“.

ИЗДВОЕНИ