петок, јуни 5, 2026
Дома МАГАЗИН Меланија Трамп ги изненади и Белата куќа и Трамп : Неочекувано проговори...

Меланија Трамп ги изненади и Белата куќа и Трамп : Неочекувано проговори за Епстин и ги разгневи неговите жртви

448
Фото: EPA/JIM LO SCALZO

 

– Преживеаните веќе покажаа извонредна храброст – тие излегоа на виделина, поднесоа извештаи и дадоа изјави – се вели во заедничката изјава на 13 лица и на членовите на семејството на покојната Вирџинија Џуфре, една од најгласните обвинителки на Епстин.

Реакцијата следуваше по ненадејната изјава на првата дама во која таа негираше каква било врска со Епстин и со неговата соработничка, Гислен Максвел. Таа, исто така, рече дека никогаш не била негова жртва, дека не знаела за неговите злосторства и дека тој не ја запознал со нејзиниот сопруг, Доналд Трамп.

– Лагите што ме поврзуваат со озлогласениот Епстин мора да престанат сега – рече таа, додавајќи дека со години циркулираат „лажни слики и изјави“ за нивна наводна врска.

Не е јасно што точно ја поттикна нејзината изјава, но нејзиниот советник, Марк Бекман, рече дека таа одлучила да проговори затоа што „е доста – лагите мора да престанат“. Во интервју за „Њујорк тајмс“, претседателот Доналд Трамп рече дека не знае што ќе каже неговата сопруга, но дека таа „има право да проговори“.

Во текот на своето обраќање, Меланија Трамп го повика Конгресот да одржи јавни расправи и да земе заклетви од жртвите на злосторствата на Епстин. Сепак, преживеаните велат дека тоа им прави дополнителен товар на оние што веќе се трауматизирани.

– Таа сега го префрла товарот врз жртвите во политизирана средина што ги штити моќните – Министерството за правда, полицијата, обвинителите и самата администрација на Трамп, која сè уште не се придржува целосно кон Законот за откривање на Епстин – се вели во соопштението.

Тие ја издвоија особено Пам Бонди, обвинувајќи ја дека мора да одговара за прикриените документи и за откривањето на идентитетот на жртвите.

– Жртвите го направија својот дел. Сега е до оние на власт – се заклучува во соопштението, пишува „Гардијан“.

Во одделни изјави, Марија Фармер и Ени Фармер рекоа дека сакаат „одговорност, транспарентност и правда“, нагласувајќи дека државата со години ги занемарувала жртвите и одбивала да објави клучни документи.

Една од потписниците на соопштението, Марина Ласерда, јавно праша: „Зошто повторно да сведочиме пред Конгресот? Дали ќе се промени нешто? Дали ќе биде повикан некој на одговорност?“ Сличен став има и Лиса Филипс, која смета дека изјавата на првата дама има цел да се дистанцира од сопругот, но, сепак, повика на конкретни чекори: „Ако сакате правда, кој е следниот чекор?“

 

ИЗДВОЕНИ