Кошаркарското ривалство меѓу Олимпијакос и Панатинаикос доби нова, сериозна димензија, откако клубот од Пиреја одлучи да преземе правни дејства против својот најголем ривал и неговиот претседател, Димитрис Јанакопулос. Олимпијакос поднесе официјални претставки до раководството на Евролигата по случувањата што следуваа по натпреварот меѓу Панатинаикос и Басконија.
Во центарот на спорот се најдоа контроверзни транспаренти, навредливи скандирања од трибините и објави на социјалните мрежи. Од Олимпијакос сметаат дека ваквите пораки одамна ги надминале границите на спортското ривалство и претставуваат сериозни обвинувања насочени кон клубот и нивниот главен тренер, Јоргос Барцокас.
Особено остро реагираа на тврдењата што го поврзуваат Олимпијакос со наводни кривични дела поврзани со местење кошаркарски натпревари, во кои се споменува судијата Васо Царуха. Клубот категорично ги отфрла ваквите наводи и тврди дека со нив неосновано се создава впечаток дека неговиот тим учествувал во незаконски активности или имал привилегиран третман.
- Како факт се пласира нешто што е целосно невистинито и клеветничко – дека нашиот тим наводно учествувал или бил соучесник во кривичните дела за кои се товари судијата Васо Царуха, а кои се поврзани со местење кошаркарски натпревари, соопштија од Олимпијакос, нагласувајќи дека се работи за сериозни обвинувања против клубот.
Но, реакцијата на грчкиот гигант не заврши со претставката до Евролигата. Олимпијакос го прошири случајот и до надлежните органи на Грчката лига, каде што достави четири објави од социјалните мрежи во кои, според клубот, се изнесуваат клеветнички тврдења.
Сега останува да се види како ќе реагираат надлежните кошаркарски институции и дали овој случај ќе предизвика дополнителни последици. Едно е сигурно – судирот меѓу двата најголеми грчки ривали повторно се префрли надвор од теренот, а тензиите во грчката кошарка продолжуваат да растат.











