вторник, октомври 27, 2026
Дома БАЛКАН Изборите во Србија завршија, еуфоријата и тензиите продолжија – на удар медиумите

Изборите во Србија завршија, еуфоријата и тензиите продолжија – на удар медиумите

1
EPA/ANDREJ CUKIC

Десетици илјади поддржувачи на „Студентската листа“ ги исполнија белградскиот плоштад „Славија“, а дел од граѓаните тргнаа кон медиумите блиски до Вучиќ – „Информер“ и „Пинк“, истурајќи го својот гнев за начинот на кој тие досега известуваа за студентските протести. Вработените во РТС и во Радио Белград побараа оставки од менаџментите, а главниот уредник на РТВ1 Војводина, Ненад Чачиќ, ја напушти функцијата

 

Не стивнаа тензиите, ниту еуфоријата по предвремените парламентарни избори во Србија во неделата, на кои студентите ставија крај на 14-годишното владеење на Александар Вучиќ и на неговата Српска напредна странка, освојувајќи 141 пратеничко место во парламентот.

Десетици илјади поддржувачи на „Студентската листа“ ги исполнија белградскиот плоштад „Славија“ и околните улици во понеделникот вечерта, втор ден по ред, славејќи ја победата со песни, скандирање и веење на српската тробојка. Но, дел од граѓаните, тргнаа кон медиумите блиски до Вучиќ, сакајќи да го истурат својот гнев врз нив за начинот на кој досега известуваа за студентските протести.

Нивна цел беа „Информер“ и „Пинк“. Голема група граѓани вечерта прво се собраа пред редакцијата на „Информер“, а потоа дел од нив влегоа во просториите на медиумот и го прекинаа преносот во живо. Главниот уредник, Драган Вучиќевиќ, повика полиција и итна помош, а за помош се обрати и до носителот на „Студентска листа“, Илија Срдановиќ. Насобраните пред телевизијата „Пинк“ фрлаа јајца кон зградата што ја бранеше полициски кордон, а луѓето во автомобилите што поминуваа свиреа со сирените, давајќи им поддршка. Неодобрувајќи го ова, студентите и Срдановиќ ги повикаа граѓаните да се повлечат. „Заедно ја извојувавме оваа победа, да го зачуваме нејзиното достоинство“, порачаа студентите.

– Не поддржуваме упади во медиумски куќи или институции, ниту, пак, повикуваме на такво нешто. Медиумите ќе ги ослободиме во рамките на Народното собрание, преку институционална борба за слобода и професионално новинарство, соопштија тие преку своите профили на социјалните мрежи, наведувајќи дека ги „разбираат еуфоријата, емоциите и потребата конечно да се прослави победата по сè низ што поминавме“.
Срдановиќ ги повика граѓаните да останат смирени и достоинствени, и да не прибегнуваат кон никаков вид насилство.

Но, Вучиќ, овие настани ги нарече монструозно насилство.
– Вечерва бевме сведоци на насилство без преседан. Монструозно насилство – упад во „Информер“, напад врз слободата на изразување, слободата на јавниот дискурс и слободата на печатот. Симптоматично е што никој не се осмелува да каже ни збор за тоа, Европската унија молчи, сите молчат – многу новинарски здруженија и колеги новинари молчат – како некако да имаат право да го малтретираат Драган Ј. Вучиќевиќ. Да го направевме ние ова, ќе бевме етикетирани како најлоши насилници, диктатори, автократи – којзнае што уште не, изјави Вучиќ.

Имаше тензична ситуација и во врска со јавниот телевизиски сервис РТС. Вработени во телевизијата, собрани околу неформалната група Наш протест, побараа оставки од целиот менаџмент, а особено од уредниците на вестите. Оставки се бараа и од одговорните во Радио Белград, а главниот уредник на РТВ1 Војводина, Ненад Чачиќ, ја напушти функцијата.

 

ИЗДВОЕНИ