Европските резерви на гас се на најниско ниво од 2011 година, а прекинатите испораки од Блискиот Исток создаваат притисок врз цените. Цената на природниот гас на европскиот пазар од околу 28 евра за мегават-час на почетокот од 2026 година се искачи на околу 96 евра, што е раст од приближно 234 проценти. Во исто време, складиштата во Европската Унија се пополнети 74,6 проценти, помалку отколку во тој период минатата година.
Според анализата на „Еуроњуз“, нарушените испораки од Блискиот Исток, војната со Иран и затворањето на Хормускиот Проток придонесуваат за неизвесноста на пазарот. Дополнителен предизвик е најавената забрана на ЕУ за увоз на руски течен природен гас од јануари 2027 година.
Фјучерсите за зимските месеци се тргуваат по околу 95 евра за мегават-час, наспроти просечните 36 евра минатата зима. Според пресметката на „Еуроњуз“, за домаќинство што троши 10.000 киловат-часови гас од ноември до март, разликата би можела да значи околу 590 евра дополнителен трошок доколку се пренесе целото поскапување врз потрошувачот.
Сепак, реалното зголемување на сметките зависи од тарифите, договорите со снабдувачите и од тоа колкав дел од поскапувањето ќе почувствуваат крајните корисници. Поскапиот гас може да влијае и врз цените на електричната енергија и на трошоците на индустријата.












