Интересно е што новата 2026/2027 сезона на МНТ ќе донесе важна новина за публиката преку воведување превод на англиски јазик за дел од претставите, во однапред определени термини. Со тоа, Театарот се отвора кон меѓународната публика, односно станува уште подостапен за странската публика и за сите љубители на уметноста што не го разбираат македонскиот јазик, овозможувајќи им целосно да ја доживеат сценската изведба. Токму премиерата на „Три сестри“ ќе биде првата претстава изведена со превод на англиски јазик, чекор што ја потврдува определбата на овој Театар за поголема отвореност и доближување на македонската театарска продукција до пошироката меѓународна публика
Македонскиот народен театар ќе ја почне новата 2026/2027 сезона на 25 септември, со премиера на претставата „Три сестри“ според драмата на А. П. Чехов, во режија на Нела Витошевиќ. Новата сценска адаптација, по текст на Васил Христов и Витошевиќ, а во драматургија на Викторија Рангелова-Петровска, е современо читање на еден од најзначајните драмски класици.
Во претставата настапуваат: Дарја Ризова – Ирина, Наталија Теодосиева – Маша, Верица Недеска – Олга, Дамјан Цветановски – Андреј, Благој Веселинов – Александар, Емил Рубен – Иван, Ивица Димитријевиќ – Игор, Нина Деан – Наташа и Антонио Ташковски – Никола.
Креативниот тим го сочинуваат сценографот Игор Васиљев, костимографката Роза Трајческа, композиторот Огнен Анастасовски, а извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен.
– Со нова енергија, нови идеи и уште поголеми уметнички предизвици, продолжуваме да ја градиме својата мисија: да создаваме врвна театарска уметност и креативност со културни вредности – велат од МНТ.
Интересно е што новата сезона ќе донесе важна новина за публиката преку воведување превод на англиски јазик за дел од претставите во однапред определени термини. Со тоа МНТ се отвора кон меѓународната публика, односно станува уште подостапен за странската публика и за сите љубители на уметноста што не го разбираат македонскиот јазик, овозможувајќи им целосно да ја доживеат сценската изведба. Токму премиерата на „Три сестри“ ќе биде првата претстава изведена со превод на англиски јазик, чекор што ја потврдува определбата на овој Театар за поголема отвореност и доближување на македонската театарска продукција до пошироката меѓународна публика.

Инаку, на почетокот од септември, публиката ќе може да го проследи и гостувањето на претставата „Уна“ на Звездара театар од Белград. МНТ на 9 септември ќе ѝ биде домаќин на оваа наградувана претстава во режија на еден од најзначајните македонски режисери, Дејан Пројковски, со маестралниот Никола Ристановски во главната улога. Создадена според драмскиот текст на Стеван Копривица, инспириран од култниот роман на Момо Капор, „Уна“ е современа и длабоко емотивна приказна за љубовта, сеќавањата, минливоста и за изборите што го обликуваат човечкиот живот. Претставата зборува за границите на слободата, личната одговорност и за моќта на чувствата. Таа во себе носи силна сценска енергија и исклучителна актерска игра. Во улогата на професорот Мишел Бабиќ настапува Никола Ристановски, најголемото македонско актерско име, чија интерпретација наиде на исклучителен прием кај публиката и кај критиката, која му донесе бројни признанија на реномирани регионални фестивали. Покрај него, играат и Магдалена Мијатовиќ, Сена Ѓоровиќ и Марко Гверо.
Пројковски, кој со години бележи значајни успеси на домашната и на меѓународната театарска сцена, со „Уна“ создава интимна, поетична и визуелно впечатлива театарска приказна, во која ја нагласува вредноста на автентичните човечки односи во современиот свет. Уметничката вредност на претставата е потврдена и со бројни фестивалски признанија. Никола Ристановски е добитник на наградите „Зоранов брк“ и наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот „Денови на Зоран Радмиловиќ“ во Заечар, како и наградите за најдобар актер на актерските свечености „Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац и на фестивалот „Театарфест Петар Кочиќ“ во Бања Лука. Претставата, пак, ја освои наградата од публиката на фестивалот „Денови на Зоран Радмиловиќ“, како и наградите за најдобра претстава и наградата од публиката на фестивалот „Театар во еден чин“ во Младеновац.
Да потсетиме, во претходната 2025/2026 сезона, покрај новите премиери, значајните награди и бројните меѓународни гостувања, МНТ ја одбележа и својата 80-годишнина. Сцената на МНТ беше домаќин на еминентни театри и уметници од регионот, меѓу кои Црногорското народно позориште, Народното позориште Белград, Словенечкото народно гледалиште Марибор, Никшиќко позориште, како и повеќе независни продукции и авторски проекти. Воедно, МНТ оствари бројни гостувања во Македонија и во странство, меѓу кои во Будимпешта, Дубровник, Врање, Пожаревац, Ќустендил, Струмица, Куманово, Велес, Прилеп, како и на други фестивали и сцени, успешно претставувајќи ја македонската театарска уметност пред домашната и меѓународната публика. Како што посочуваат од Театарот, реализирани се 12 премиерни проекти, кои понудиле жанровска и естетска разновидност – од современа светска и домашна драматургија, преку танцови и музички сценски форми, до големи сценски спектакли и копродукциски проекти.
– Публиката имаше можност да ги проследи премиерите на „Ангели во Америка – Среќна фантазија на национални теми, дел I: Милениумот наближува“, „Драга Јелена Сергеевна“, „Варвари“, сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“, концертот „Уште ми фалиш“, „Син понеделник“, танцовата претстава „Диво месо“, „Страв и надеж“, „Западен експрес“, „Бивир… Бивир…“, мјузиклот „Као какао“ и „Вонземјани“. Претставите на МНТ освоија повеќе значајни награди во земјата и во регионот. Претставата „Страв и надеж“ ги доби гран-прито за најдобра претстава во целина и наградата за најдобра музика на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“. Беше доделено и високото признание „Лауреат” на 17. издание на меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ на истакнатиот уметник и првенец на МНТ – Игор Џамбазов. Претставата „Бог на колежот“ го освои гран-прито на фестивалот „Денови на комедијата“, а актерот Ѓорѓи Јолевски беше прогласен за најдобар актер. „Народен пратеник“ ја доби главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на фестивалот „Борини позоришни дани“ во Врање, додека актерите Тони Михајловски и Тања Кочовска беа наградени за своите актерски остварувања на два различни фестивали. МНТ доби тројна победа на „Бекстејџ“: „12“ – претстава на годината, Микиќ – најдобар актер и Џамбазов – изјава на годината. На фестивалот „Актерот на Европа“, Снежана Коневски-Руси ја доби наградата за најдобра сценска интерпретација за монодрамата „Бивир… Бивир…“ – потсетуваат од МНТ.
Беше одржана и промоцијата на монографијата „Македонски народен театар 1945 –2025: Драма – приказни поголеми од времето“.












