Делегацијата на ЕУ во земјава, викендов, во Градскиот парк во Скопје беше домаќин на централниот настан по повод Денот на Европа, кој беше отворен за сите граѓани.
Манифестацијата почна со настап на детски танцови групи пред летната сцена „Школка“, а потоа, напладне, евроамбасадорот Михалис Рокас и официјално, со пригоден краток говор и порака, го прогласи настанот за отворен.
Во Градскиот парк со евроамбасадорот беа и министерот за европски прашања – Беким Сали, министерот за надворешни работи – Тимчо Муцунски, градоначалникот на Скопје – Орце Ѓорѓиевски, амбасадорите на земји членки на ЕУ и други.
– Поентата на овој ден е да дискутираме, да се дружиме со граѓаните за да видиме што има да понудат тие. Работиме напорно граѓаните да станат дел на семејството на Европската Унија. Се разбира, за да се реализира тој процес, исто така е важно граѓаните да ни се придружат и да ни помогнат во реализација на таа цел – рече Рокас.
Евроамбасадорот повторно посочи на видеоизјавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој им се обрати на граѓаните, нарекувајќи ја нашата земја „идна членка на Европската Унија“.
– Мислам дека оваа порака е од огромно значење, затоа што, всушност, пораката што ја праќа е порака на солидарност, на поддршка, на решителност за да може сите вие да ја надминете и последната препрека за да го започнете пристапниот процес со ЕУ, како што реков веќе на самиот почеток – истакна Рокас.
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, наведе дека европската интеграција останува стратешки приоритет на Владата и дека Денот на Европа претставува симбол на единството, солидарноста и на заедничката европска перспектива за граѓаните на Северна Македонија.
– Интегрирањето не значи само политичка изјава, политичка определба туку побарува и поголема општествена и институционална консолидација, така што ние напорно работиме на ова – изјави Сали.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кажа дека овој ден носи една силна и трајна порака, а тоа е дека Европа не е изградена врз сила и поделби, туку врз помирување, визија и заедничка надеж за подобра иднина на сите нас.
– Градот Скопје мора да биде двигател на позитивните промени, град што ќе обединува и создава, град што ќе биде пример како се претвораат европските политики во реални политики и конкретни резултати пред сè – потенцираше Ѓорѓиевски.
По официјалниот дел, делегацијата ги посети тематските зони посветени на промоцијата на локалните производи, одржливата економија и креативните иницијативи поддржани од Европската Унија.
На крајот од настанот беше реализирано и симболичното отворање на Игрите на Европа, организирани во соработка со земјите членки на ЕУ, со цел промоција на европскиот дух, соработката и културната разновидност.
На Денот на Европа во Скопје, во Градскиот парк имаше и дел за храна и штандови со рециклирани предмети, а можеше да се научи и за растенијата и урбаното зеленило или за локалните еколошки бизниси.
Воедно, имаше музичка програма со настапи во живо на: танцовата компанија „Еурека“, Дина Јашари, Звада, „Конкеринг лион“, „Дапунк и Дабл Г“ , Емили Нас и Мартина Пенева.
Денот на Европа заврши на зајдисонце, кога беше осветлена зградата на Владата во сино.
Програмата за Денот на Европа за 2026 година е организирана под слоганот „Наша Европа. Посилни заедно“, од Делегацијата на Европската Унија, мрежата на „Јуроп хаус“ и амбасадите на земјите членки на ЕУ.
Денот на Европа e прогласен за празник на ниво на ЕУ и е неработен ден за вработените во европските институции.












