четврток, јули 2, 2026
Дома СКОПСКА Се очекуваат понудата, цената и временскиот рок од австриската фирма „Допелмаер“

Се очекуваат понудата, цената и временскиот рок од австриската фирма „Допелмаер“

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека во соработка со директорот на ЈСП, Саше Илиески, веќе побарале понуда за да видат колку ќе ги чини тоа сервисирање јавното претпријатие и Градот и сето она што би значело целосно отстранување на дефектите и враќање на жичницата во состојба во која, како што нагласи Ѓорѓиевски „јас ќе бидам, пред сè, сигурен дека секое дете, секој граѓанин на градот Скопје ќе биде сигурен кога ќе ја користи“. Тој истакна дека не е потребно ново Кочани или каква било трагедија по која, како што рече, ќе треба да се освестуваме одново и да делуваме

699

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и Градот ја очекуваат понудата за сервисирање и дефектот на жичницата на Водно, за која, по контролата од страна на компанијата изведувач, австриската фирма „Допелмаер“, било констатирано дека е во катастрофално лоша состојба.

– Засега не може да каже за колку време ќе се направат овие поправки на жичницата и кога повторно би била ставена таа во функција. Веднаш штом ќе бидат добиени понудата, цената и временскиот рок за колку би се сработило, јавноста ќе биде информирана – истакна скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека нема ништо повредно во Скопје и во Македонија од човечкиот живот, а состојбата во која се наоѓа жичницата во моментов, како што истакна, е резултат на неодговорното однесување на неговите претходници.

– Имавме контрола од страна на компанијата „Допелмаер“, која е и изведувач на жичницата. Првпат откако е поставена таа во Скопје, во подножјето на Водно, инспекцијата констатирала дека се наоѓа во катастрофално лоша состојба и дека има многу недостатоци што треба да бидат сервисирани во наредниот период – изјави Ѓорѓиевски.

Притоа, наведе дека во соработка со директорот на ЈСП, Саше Илиески, веќе побарале понуда за да видат колку ќе ги чини тоа сервисирање јавното претпријатие и Градот и сето она што би значело целосно отстранување на дефектите и враќање на жичницата во состојба во која, како што нагласи Ѓорѓиевски „јас ќе бидам, пред сè, сигурен дека секое дете, секој граѓанин на градот Скопје ќе биде сигурен кога ќе ја користи“.

Тој истакна дека не е потребно ново Кочани или каква било трагедија по која, како што рече, ќе треба да се освестуваме одново и да делуваме.

– Нам ни требаат акции веднаш и сега, во кои во преден план секогаш ќе бидат граѓаните – рече скопскиот градоначалник.

Жичницата, како што кажа тој, ќе биде затворена до оној момент додека не биде целосно во функција и не бидат отстранети дефектите за да може, како што нагласи, граѓаните безбедно да ја користат.

– Јас немам точна информација бидејќи имаме побарано и финансиска пресметка од компанијата „Допелмаер“, но ќе треба да ни достават и план за активностите. Веднаш штом ги добиеме понудата, цената и временскиот рок за колку би се сработило, веднаш ќе ја информираме јавноста – рече Ѓорѓиевски.

Во однос на жичницата до Детската клиника, Ѓорѓиевски кажа дека се во комуникација со Министерството за транспорт и со претседателот на Владата, дека има апсолутна поддршка од нив и верува дека ќе влезе во ребалансот на буџетот и втората фаза од изградбата на жичницата – делот од Козле до Средно Водно.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ