недела, септември 27, 2026
Дома СВЕТ Брутално злосторство во Шпанија: Уапсени седуммина Срби – во вила киднапирале и...

Брутално злосторство во Шпанија: Уапсени седуммина Срби – во вила киднапирале и мачеле најмалку две лица/ФОТО

1
Фото: X

Шпанските полицајци уапсиле седум српски државјани во Естепона:

Шпанската полиција во Естепона уапси седум српски државјани поради сомнение дека во вила киднапирале и мачеле најмалку две лица. За време на претресот на објектот беа пронајдени траги кои укажуваат дека една просторија била посебно уредена за мачење на жртвите, како и поголема количина оружје.

Снимките од внатрешноста на вилата, кои ги објавија шпанските медиуми, прикажуваат просторија чии ѕидови и под биле обложени со пластика. Во средината се наоѓала столица, додека покрај неа бил пронајден чекан за кој инспекторите се сомневаат дека бил користен за претепување. На подот биле пронајдени и пиштол и пластични врзувалки со кои жртвите наводно биле врзани.

Со претресот на вилата и околното подрачје полицијата пронајде две автоматски пушки АК-47, уште еден пиштол и три шаржери со муниција. Оружјето е испратено на балистичко вештачење за да се утврди дали евентуално било користено во други кривични дела, вклучително и во оние на подрачјето на Марбеља, оддалечена околу 30 километри.

Кога полицајците влегле во вилата, затекнале двајца мажи без облека и со видливи повреди, врзани во просторијата која, според резултатите од истрагата, била подготвена за мачење.

Уапсени се Филип Ј. (25), Марко Н. (31), Зоран Н. (35), Иван М. (24), Секулиќ М. (27), Лео Ј. (29) и Алекс К. (24). Според информациите на шпанската полиција, никој од нив немал пријавено живеалиште.

Во вилата бил пронајден и биолошки материјал кој им помогнал на инспекторите во идентификацијата на други лица за кои се сомнева дека се поврзани со српската криминална група.

Според извори блиски до истрагата, групата наводно се занимава со трговија со кокаин и хашиш, како и со изнуди, а нејзините активности се протегаат на повеќе шпански региони. Националната полиција соопшти дека дел од уапсените од претходно имаат полициски досиеја поврзани со насилни разбојништва и трговија со дрога.

Инспекторите веруваат дека и двајцата пронајдени мажи, 45-годишниот Мигел Анхел од Кадиз и 31-годишниот Хамза од Сеута, би можеле да бидат поврзани со истата криминална организација. Двајцата се осудувани и претходно.

Според извор близок до истрагата, постои сомнение дека мажите биле мачени во рамките на интерна пресметка, наводно затоа што не ја извршиле задачата што им ја доверила криминалната група. Овие наводи сè уште треба да бидат потврдени од резултатите од истрагата.

Полициски извори наведуваат и дека една од жртвите подоцна била уапсена заедно со седуммината осомничени српски државјани.

Случајот бил откриен откако партнерката на еден од киднапираните мажи повикала полиција. Според нејзините наводи, мажот ѝ кажал дека оди на „сомнителна“ работа и ѝ порачал да повика полиција доколку не ѝ се јави во следните десет минути.

Полицајците кои пристигнале на адресата на вилата забележале дека светлата се запалени и неколку пати ѕвонеле. Откако автоматската врата се отворила, виделе двајца маскирани мажи.

Според документите на шпанските власти, од кујнската врата потоа истрчал маж без облека, со крваво лице и видно испаничен. На полицајците, според наводите од документот, им кажал дека е киднапиран и дека ќе биде убиен.

Еден од маскираните мажи тогаш обидел да побегне носејќи огнено оружје. Набрзо од вилата излегле уште неколку лица. Еден од нив наводно преку оградата на соседната куќа фрлил торба во која се наоѓале автоматски пушки АК-47.

За време на полициската потера биле повредени тројца полицајци. Истрагата за настанот продолжува, а пронајденото оружје ќе биде подложено на балистичко вештачење.

ИЗДВОЕНИ