Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Грција, Кимберли Гилфојл, наводно за време на вечера во Атина во март изјавила дека САД можат да предизвикаат промена на власта во која било земја, вклучително и во Грција, објави Волстрит Џурнал (WSJ), повикувајќи се на дипломатски извори, учесници на вечерата и други лица запознаени со разговорот.
Според наводите на весникот, Гилфојл за време на вечерата, на која присуствувале грчки и американски официјални лица, влегла во вербален судир со грчкиот министер за животна средина и енергетика Ставрос Папаставру, по разговорот за тогашната политичка криза во Романија.
Гилфојл, според изворите на Волстрит Џурнал, тогаш рекла дека САД можат да „сменат власт во која било земја, можеме тоа да го направиме и овде“.
Папаставру, според истите наводи, ѝ одговорил дека САД не можат да ја сменат грчката влада бидејќи неа ја избрале граѓаните.
Наводите за разговорот во Атина се објавени неколку месеци по самиот настан.
Политичката криза во Романија, на која се однесувал разговорот, кулминираше со пад на владата на премиерот Илие Болојан на 5 мај, по гласањето за недоверба во парламентот.
Адвокатот на Гилфојл го оспори описот на разговорот што го објави американскиот весник.
Њујоршкиот весник наведува дека Гилфојл за време на својот мандат во Грција интензивно работела на ширење на пазарот за американски течен природен гас и често патувала во други балкански земји, каде што промовирала деловни аранжмани на американски компании.
Во тие активности, според наводите на весникот, учествувал и грчкиот лобист Христос Марафацос, кој ја застапувал градежната компанија Актор.
Тој присуствувал на бројни состаноци на Гилфојл со официјални лица од балканските земји, а според изворите на весникот, некои од нив, поради честиот престој на тие состаноци, го мешале со нејзиниот шеф на кабинет.
Гилфојл во Грција беше испратена на иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп, според наводите на весникот, кој тврди дека Трамп сакал да ја испрати „што подалеку“ од својот најстар син Доналд Трамп Јуниор, нејзиниот поранешен свршеник.
Адвокатите на Трамп негираа дека претседателот дал таква изјава.












