Младите поети Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски ќе ја претставуваат македонската поетска сцена на деветтото издание на Светскиот поетски фестивал во Патра, Грција, кој ќе се одржи од 16 до 20 септември, под мотото „Револуцијата започнува со зборови“. На годинашното деветто издание по ред ќе учествуваат 72 поети од 32 земји. Инаку, Велинова и Медиќ Лазаревски се дел од Управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал и дел од тимот на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура бета“, а нивното учество се реализира во рамките на договорот за размена на поети меѓу двата фестивали.
– Почнувајќи од идејата дека јазикот не е само средство за опишување на реалноста туку и сила што ја обликува, фестивалот истражува како може да функционира поезијата како поле на отпор, размислување, мирен соживот и обнова. Во ерата на општествени и историски трансформации, поезијата се појавува како простор каде што зборовите ја стекнуваат моќта да ја редефинираат колективната имагинација и да отворат нови можности за комуникација и разбирање – се вели во најавата на фестивалот.
Покрај нив, Велинова и Медиќ Лазаревски, од Македонија на фестивалот ќе учествува и Живко Гроздановски, како и поети од Србија, Бугарија, Турција, Романија, Германија, Естонија, Тунис, Албанија, Австралија, Гибралтар, Шведска…
Инаку, Марија Велинова е поетеса, уредничка и апсолвентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Авторка е на стихозбирките „Разговорите што не можевме да ги имаме“ и „Омарнина што омалаксува“. Нејзините песни се застапени во домашната периодика и преведени се на хрватски, српски, англиски, грчки и на романски јазик.
Поетот Медиќ Лазаревски е и уредник и организатор на културни настани и фестивали. Автор е на стихозбирките „Беседење со неа“, „Молитвени дискурси“ и „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од вардаровите галии“, како и на изложбата „Црно под ноктите“ од која произлезе и истоимена електронска книга со колажите од неа. Застапени се негови песни во антологиите „Македонска љубовна лирика“, „Ново раѓање на зборот: антологија на млада македонска поезија“ и „Музика, сега и уште“. Во 2024 година ја доби наградата „Енхалон“ за најдобра песна од млад македонски автор на СВП.












