Книгите со практични совети и вежби за правилен детски говор на мастер-логопедот Слаѓана Трајкова се наменети за децата што имаат тешкотии во говорот, јазикот и воопшто тешкотии во самата вербална комуникација, но и за родителите што сакаат да му помогнат на своето дете, да може да изгради еден правилен и добар говор, разбирлив за средината, воедно и употреблив и прифатлив, за родителите што сакаат да го поттикнат и стимулираат говорниот развој на своето дете, чија задача и должност е да го насочат говорно-јазичниот израз на вистинскиот пат

Развојниот процес на говорот, јазикот и воопшто на самата вербална комуникација кај децата се главните теми што ги обработуваат двете нови книги „Моето дете проговори“ и „Како да го поттикнеме детето на говор“ од мастер-логопедот Слаѓана Трајкова, која е вработена во Центарот за рехабилитација на патологијата на вербална комуникација, во клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
– Во книгите се обработува една сложена сензомоторна функција, најсложената функција на централниот нервен систем. Се вреднува значењето на говорот, како едно научено човеково однесување, кое треба да се чува, кое служи како личен израз и средство за комуницирање со средината. Воедно, се обработува и тоа колку придонесува говорот да бидеме свесни за самите себе, за својата личност, за својот идентитет, колку ментално нè зајакнува и нè одржува. Она дете што има добро поставен говор, уште од мало интелектуално добро напредува, ги разбира апстрактните јазични поими и на тој начин го збогатува својот ран когнитивен развој и се развива во една здрава личност – објаснува Трајкова.
Во книгите се собрани и прашања поставувани од родители, поврзани со тешкотиите во говорот, а на прашањата стручно одговара логопед и сите одговори се темелат од практично искуственото работење.
– Во нив има едноставни и практични структуирани говорни вежби, во форма на игровна активност, кои може да ги применат и самите родители на своите деца за да им помогнат полесно да го научат говорот – вели Трајкова.
Таа додава дека има и практични совети, кои се применуваат кај родителите и се упатуваат како да ги воспитуваат децата, на кој начин да им помогнат за да имаат правилен говорен израз.

Исто така, во книгите може да се најдат и лесни говорни рецитации во кои се вметнати гласови што им се потешки за изговор на децата, а вметнати се и кратки и лесни приказни, преку кои се учи детето да прераскажува.
Трајкова вели дека книгите се наменети за децата што имаат тешкотии во говорот, јазикот и воопшто тешкотии во самата вербална комуникација, но и за родителите што сакаат да му помогнат на своето дете, да може да изгради еден правилен и добар говор, разбирлив за средината, воедно и употреблив и прифатлив, за родителите што сакаат да го поттикнат и стимулираат говорниот развој на своето дете, чија задача и должност е да го насочат говорно-јазичниот израз на вистинскиот пат.
– Не е доволно само да се сака и да се чува дете, треба да се умее со него, како и на кој начин, тоа е убаво објаснето во книгите. Следејќи ги насоките и упатствата од книгите, родителот ќе може понатаму сам да креира свои нови говорни активности и ќе добие нови идеи за да се поттикне малото дете на говор – нагласува Трајкова.
Таа наведува дека целта на книгите е, пред сè, да се помогне, но и да се упатат самите родители да може да си помогнат околу оваа говорна проблематика. Воедно, и да се зачува правилниот устен и писмен говор од патологии, нарушувања.
– Треба да се негува и чува мајчиниот јазик, почнувајќи од најраната возраст, кога учи малото дете да зборува. Целта е да се зборува чисто и разбирливо, лесно и јасно. Од правилноста на јазичното изразување зависи и културниот развој на еден народ – децидна е Трајкова.
Таа потенцира дека овие две книги, на кои е особено горда, ѝ биле сон, уште кога била мала, сакала да има своја книга на која на крајот ќе го има нејзиното име.
Изненадена е од големиот интерес за двете книги и затоа нагласува дека може лично и преку неа да се побараат.
– Секогаш им стојам на располагање на луѓето на кои им се потребни овие книги. Можат да ме контактираат преку „Инстаграм“, инбокс…
(А. П.)












