вторник, август 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Младиот Македон јава за Македонија со срце полно Илинден!

Младиот Македон јава за Македонија со срце полно Илинден!

0

На Илинденскиот марш, меѓу четириесеттемина коњаници кои од Аеродром тргнаа кон Крушево, повторно ќе биде и шеснаесетгодишниот Македон. Иако е најмладиот учесник, ова ќе биде негово четврто патување по патеката што речиси половина век ја чува живата традиција на Илинден. Тој со нетрпение секоја година го очекува овој голем настан и со возбуда во разговор за весникот ВЕЧЕР вели дека чувството да се биде дел од овој марш е прекрасно. “Посебно сум горд што јаваме во чест на загинатите илинденци за нашата денешна слобода“, вели младото момче за весникот ВЕЧЕР. Тој ги повика сите Македонци празникот со нив да го прослават во Крушево

 

И годинава четириесетмина коњаници ќе бидат дел од традиционалниот Илинденски марш. Подготвени со претходни двонеделни тренинзи, јавање по пет часа дневно на кејот на реката Вардар, во Аеродром и најмногу во Лисиче, тие ќе тргнат од Горно Лисиче на пат кон славното Крушево. Облечени во комитска облека, сошиена од жена од Лисиче, а која се состои од панталони, појас, елек и од кошула, тие ќе патуваат пет дена за да продефилираат по улиците на Крушево и за да бидат дел од манифестацијата на Мечкин Камен.

До тргнувањето, кое вообичаено е проследено со сенароден собир во црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, коњите ги чуваат на ливада во Лисиче, па откако ќе завршат свеченостите, со камион повторно ги враќаат на местата каде што се позајмени, односно во коњичките клубови.

Патувањето до  Крушево е исполнето со многу предизвици, убави и немили случки, бидејќи меѓу четириесеттемина има коњаници на возраст од 16 до 60 години, но и жени, годинава пет.

Меѓу нив, најмлад е шеснаесетгодишниот Македон, кој веќе четврта година по ред е дел од оваа возвишена традиција. Тој со нетрпение секоја година го очекува овој голем настан и со возбуда во разговор за весникот ВЕЧЕР вели дека е прекрасно чувството да се биде дел од овој марш.

Убаво е да се види дел од природата на Македонија, бидејќи постојано се движиме по планини, ливади, покрај реки. Особено сум горд што јаваме во чест на загинатите илинденци за нашата денешна слобода – истакна Македон.

Тој ги повика сите Македонци што имаат барем малку љубов да се вратат во својата татковина и да го прослават овој празник заедно со нив во Крушево.

Македон е дел од коњицата заедно со своите двајца браќа. Неговиот татко, Гоце Трпковски, е еден од возобновувачите на Илинденскиот марш. Оттука потекнува и неговата желба да биде дел од оваа манифестација.

Тој на деветгодишна возраст првпат се качил со својот татко на коњ и бил дел од Илинденскиот марш, како придружба. Токму на тоа патување се случило коњаник да биде удрен од својот коњ и да падне од него.

– Тогаш се симнавме сите од коњите за да му помогнеме. Сите  функционираме како едно големо семејство. Бидејќи немаше кој да го замени, јас првпат сам го јавав неговиот коњ од селото Журче, Демирхисарско, сè до Крушево – раскажува Македон.

Тој додава дека сега, на ова 48. Илинденски марш, неговиот помал брат ќе јава како придружба, како тој тогаш.

– Ова ми е најубавото чувство во животот. Додека имам сила, ќе јавам кон Крушево. Се надевам дека секоја година ќе бидеме сè побројни – вели тој.

Пандил Стефковски, еден од организаторите на овој марш, објасни дека на патот до Крушево преспиваат на отворено.

– Имаме опрема со нас, храна за нас, но и за коњите, а во некои од селата ни организираат пречек со подготвено јадење – вели Стефковски.

Тој додава дека Марјан Стојановски годинава е носител на знамето, бидејќи има најмногу пати учествувано на оваа манифестација. Марјан осма година по ред е дел од Илинденскиот марш.

Покровител на манифестацијата оваа година е претседателот на ВМРО-ДПМЕ, Христијан Мицкоски, а генерални спонзори се Општина Аеродром и Министерството за култура и туризам.

Илинденскиот марш Горно Лисиче – Крушево е традиционален настан и коњанички марш, односно поворка во чест на Илинденското востание и Крушевската Република. Настанот почнал во 1978 година и е организиран од Здружението на граѓани „Илинденски марш 1978 година“.

Самоиницијативниот марш, составен од тројцата лисичани качени на коњи, Борис Змејковски, Борче и Гоце Стефковски, почнал неколку дена пред Илинден. Тргнале од Горно Лисиче и за да стигнат до Крушево, минале низ БрезницаЗдуњеМакедонски БродСланскоДреново. На 31 јули 1978 година, тројцата, качени на коњи, пристигнале во Крушево. Се сместиле крај Крушевското Езеро и по сместувањето таму, биле распрашувани од општинската и месната милициска власт и им било кажано дека не смеат да бидат сместени таму. Тогаш во нивна одбрана застанал Владо Карески, кој бил внук од брат на Никола Карев и кој ги примил да се сместат во неговата нива. Коњаниците ја постигнале својата цел и се поклониле пред споменикот „Илинден“. Тоа бил прв марш во чест на Илинден во цела СР Македонија. По враќањето, тројцата учесници и нивните најблиски биле уапсени и притворени во полициската станица „Беко“.

Најголем сомнеж за овој потфат до Крушево бил фрлен кон Пандил Стефковски, кој дотогаш бил организатор на повеќе илегални родољубиви организации, спроведувач на многубројни акции за растурање летоци со антијугословенска содржина и човек за слободна и обединета Македонија. Биле притворени три дена, при што, при испрашувањето, биле тепани. Биле пуштени без образложение и не било поведено кривично гонење за нив. Потоа, со судска одлука, бил забранет маршот кон Крушево.

Во 1998 година била направена иницијатива за повторно организирање на маршот. Иницијативата била поведена од Зоран Цветковски, Гоце Стефковски, Гоце Трпковски, Борче Василевски и од Ванчо Богоевски. Таа година бил организиран вториот марш. Маршовите во 1998 и 1999 година биле спроведувани од месната заедница „Горно Лисиче“. На 1 февруари 2.000 година, во просториите на месната заедница, било одржано основачкото собрание за основање на Здружението на граѓани „Илинденски марш 1978 година“. На тоа собрание присутни биле: Гоце Стефковски, Зоран Цветковски, Борче Василевски, Борче Василевски, Ванчо Богоевски, Владимир Змејковски, Гоце Трпковски, Орде Стојановски, кои биле во улога на основачи. Како гости на основачкото собрание, присуствувале и првите коњаници Борис Змејковски и Борче Стефковски, потоа Стојан Трпковски, Димче Темелковски, Киро Секуловски, Зоран Јовевски, Тони Трифуновски, Светлан Трпковски и Павле Трпевски. Таа година било правно регистрирано и негов прв претседател бил Гоце Стефковски.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ