Странските инвеститори во земјата, засега, немаат драстично намалување на нарачките поради случувањата на Блискиот Исток, иако укажуваат дека проблем не е само цената на горива туку постојат ризици од разни аспекти, кои може да се рефлектираат како недостиг на горива, керозин, алуминиум…
– Сè уште немаме видливо директно намалување, иако понекогаш постојат мали флуктуации на нарачките на неделно ниво. Сè уште не постои драстично намалување бидејќи има несигурност и сите чекаат да видат што ќе се случи. Ситуацијата е флуидна, но не можам да кажам директно дали и во колкав обем ќе има влијание со нашите клиенти – смета Виктор Мизо, претседател на Советот на странските инвеститори.
Кризата, вели Мизо, ги погодува сите, без разлика каде се наоѓаат. Она што треба да се направи, додава тој, е да се искористи моментот и да се најдат можности да се биде поконкурентен од сестринските фирми.
– Ова е глобален проблем. Не е важно дали сме лоцирани во Македонија или нашиот конкурент е лоциран во која било друга држава, така што зголемените трошоци за енергенти, петрохемиски материјали или репроматеријали ќе се рефлектираат на ист начин – вели Мизо.












