вторник, октомври 27, 2026
Дома БАЛКАН Тамара Вучиќ се огласи по изборите: „Има нешто што никогаш не ви...

Тамара Вучиќ се огласи по изборите: „Има нешто што никогаш не ви го кажав, чувствувам потреба да го споделам со вас“

2320
Фото: Instagram/tamara.vucic.serbia/RTS/printscreen

Тамара Вучиќ, сопругата на поранешниот српски претседател Александар Вучиќ, се огласи на социјалните мрежи по изборниот пораз на неговиот политички блок.

Еден ден по политичките промени во Србија и победата на „Студентската листа“ на парламентарните избори, поранешната прва дама Тамара Вучиќ објави порака на Инстаграм. Покрај серијата од 16 фотографии кои ги прикажуваат нејзините дипломатски, хуманитарни и општествени активности низ годините, таа изрази благодарност до сите што ѝ давале поддршка.

„Едно поглавје од мојот живот се затвора и сакам да им се заблагодарам на сите вас што ме бодревте, охрабрувавте и поддржувавте низ годините – а тоа го правите и денес. Сигурна сум дека ги споделувам истите или слични вредности со сите вас, a на крајот на краиштата, како поинаку би се препознале едни со други?“ – напиша таа.

Во својата објава, Тамара Вучиќ откри дека зад нејзините бројни јавни појавувања и хуманитарни заложби се криеле моменти на лични тешкотии.

„Има нешто што никогаш не ви го кажав, но сега чувствувам потреба да го споделам. Имаше ноќи без сон – не поради тешкиот товар на моите одговорности, туку поради оние моменти кога, и покрај сета моја желба и труд, не можев да му помогнам на некој кому му беше потребна помош“, изјави таа.

За време на нејзиниот мандат како прва дама, таа беше вклучена во бројни дипломатски и хуманитарни иницијативи, со посебен фокус на помош за децата и семејствата. Фотографиите што ги сподели прикажуваат средби со меѓународни претставници и официјални настани, како и моменти поминати со деца. Таа откри и на кој проект е особено горда.

Меѓу проектите во кои учествуваше, таа го издвои Институтот за ран развој на детето и инклузија во Белград, кој официјално започна со работа во септември оваа година. Комплексот зафаќа површина од речиси 18.000 квадратни метри и е наменет за дијагностика, рехабилитација и поддршка на деца со развојни потешкотии.

„Особено сум горда на Институтот за ран развој на детето и инклузија; верувам дека неговото вистинско значење целосно ќе биде препознаено дури од идните генерации“, напиша таа.

Таа ја заврши својата објава изразувајќи благодарност за можноста да ја претставува Србија и да учествува во јавниот живот во текот на изминатите неколку години.

„Бескрајно сум благодарна за можноста верно и посветено да им служам на мојата земја и на мојот народ. Нека ни помогне Господ – како народ и како нација. Амин“, заклучи Тамара Вучиќ….

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Tamara Vučić (@tamara.vucic.serbia)

ИЗДВОЕНИ