Никој од обвинителите од внатрешноста не се пријави на конкурсот за испразнетите места во Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, каде што се водат најсложените предмети од интерес за јавноста.
– Тоа е така бидејќи никој не сака да патува со паричен надоместок како за автобуска карта, нам не ни следува живеалиште или патни трошоци како на пратениците или на функционерите, а и со новиот предлог-закон не е регулирано тоа прашање – вели во разговор за весникот ВЕЧЕР претседателот на Советот на јавни обвинители, Башким Бесими.
Тој и на седницата за избор на нови обвинители во Организиран криминал ја нагласи потребата од мотивација кај обвинителите.
– Еве, сега со новиот закон, мандатот на обвинителите се зголемува од четири на седум години и горд сум на тоа, но кој обвинител од внатрешноста сака да патува толку долго, освен ако не реши да се пресели? – вели Бесими.

Па така, за изборот се пријавиле: Марија Ѓоргева од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), нејзините колешки од истото Обвинителство, Валентина Бислимовска, Енѓелуше Кадриу-Леши, Сузана Мирчевска-Кузмановска и Ивана Трајчева. Понатаму, тројца обвинители од скопското Обвинителство: Ана Стојковиќ-Димитриовска , Ана Гоговска-Јакимовска и Александар Марковски. Од трката во последен момент се откажале обвинителите од Вишото јавно обвинителство, Трајче Пеливанов и Артан Ајро, кои беа дел од поранешното специјално јавно обвинителство за предметите поврзани од владеењето на Никола Груевски и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијаков.
Членовите на Советот на ЈО решија да им дадат можност на оние што доаѓаат од скопското Обвинителство.
– Не дека не се квалитетни овие што досега работеа во Организиран криминал, сепак, да му дадеме нов ветар и свежина на Обвинителството – кажа новиот државен обвинител, Ненад Савески, кому ова му беше прва седница со телото за избор и разрешување обвинители.
Од петте испразнети места во ОЈОГОКК, се пополнија четири. Советот го избра Александар Маркоски, кој му бил генерација на Савески, а јавноста го памети по обвинението за учество во толпа, за првата група од деветмина обвинети за насилството во Собранието од 2017 година, на кои им беа изречени условни казни. Енѓелуше Кадриу-Леши доби трет мандат во Организиран криминал заради застапеност на заедниците. Актуелната обвинителка во случајот „Онкологија“ – Ана Гоговска-Јакимовска и Ана Стојковиќ-Димитровска, која беше втора обвинителка за убиството на Вања и Панче, се новото засилување во Организиран криминал.
Обвинителката Ивана Трајчева, која ја водеше истрагата за полицајците во случајот „Кочани“, на кои веќе им се суди или има закажано судење во Кривичниот суд, не ја доби довербата од Советот за нов мандат и со тоа таа нема повеќе да ги застапува обвиненијата пред Судот.
– Предметите од сите обвинители што се избрани во новото Обвинителство и оние што се враќаат во матичното, ќе добијат нови застапници – вели Савески, кој уверува дека нема да има застој во постапувањето.
Пропадна изборот на шеф на Вишото јавно обвинителство
Ниту еден од четворицата кандидати што се пријавија за шеф на Вишото јавно обвинителство – Скопје, Фатиме Фетаи, Владимир Милошески, Артан Ајро и Јасмина Костеска-Здравеска, не го добија потребниот број гласови на седницата на Советот на јавни обвинители. Иако на огласот првично се пријавија седуммина кандидати, останаа четворица, бидејќи обвинителите Џељал Бајрами и Трајче Пеливанов се повлекоа, а обвинителот Александар Маркоски беше унапреден од скопското Обвинителство во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Местото се испразни по разрешувањето на Мустафа Хајрулахи, за кого штипското Обвинителство отвори случај за тежок мобинг врз службенички.
Изборот не се направи бидејќи немаше мнозинство, а во тесна трка беа обвинителите Артан Ајро и Јасмина Костеска-Здравевска. Првиот беше дел од СЈО формирано да ги истражува „бомбите“ на Зоран Заев, името на втората, пак, се споменуваше токму во нив, во разговорот меѓу Сашо Мијалков и Гордана Јанкуловска за избор на обвинителка чиј сопруг е член на Лустрациската комисија и е квалификуван како „наш“.
Новиот шеф Савески на седницата за избор рече дека ќе ја поддржи Костеска-Здравевска бидејќи имала интегритет и вештини.
– Ако се земе предвид сето она што се случуваше таму, таа ќе придонесе за пријатна атмосфера – кажа Савевски пред да гласаат.

Обвинителката од поранешното Специјално јавно обвинителство, Фатиме Фетаи, доби најмногу „воздржаност“ од членовите на Советот на јавни обвинители, а јавно единствено ја поддржа членот Ермон Незири.
Откако не беше направен избор, сега Советот на ЈО повторно треба да распише конкурс, дотогаш в.д. останува обвинителката Наташа Крстевска-Цалева. (П. А.)
Савевски не го коментира повикот од премиерот да се „зафати“ со Катица Јанева
Новоизбраниот државен јавен обвинител, Ненад Савески, вели дека никогаш нема да коментира ничија изјава. Прашан за коментар на обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски дека очекува одговори за работата на Катица Јанева и на СЈО, тој во изјава за медиумите пред седница на Советот на ЈО рече дека нема да коментира ничија изјава. Прашан што ќе направи во однос на шпекулациите дека има предмети што се чуваат во фиока, Савески нагласи дека е само неколку дена на функцијата и дека јавноста ќе биде навремено известена за секоја одлука. Тој нагласи дека работата на Јавното обвинителство, вклучително и на секој јавен обвинител, а и државниот јавен обвинител, надлежностите и обврските што ги исполнуваат јавните обвинители – произлегуваат од законските регулативи.
Филков: Законот за Советот на јавни обвинители доби позитивно мислење од Венецијанската комисијa
Предлог-законот за Советот на јавни обвинители, кој се разгледува во прво читање, е еден од клучните столбови во реформата на правосудниот систем и зајакнувањето на владеењето на правото, истакна министерот за правда, Игор Филков, пред собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците. Тој нагласи дека законот има позитивно мислење од Венецијанската комисија, а препораките се вградени во текстот.
– Со овој закон се воведуваат суштински реформи: транспарентни критериуми за избор на членови, зајакната отчетност и поголема доверба во правосудниот систем, во согласност со европските стандарди – рече Филков.
Комисијата го прифати предлог-законот и го проследи на понатамошно читање во Собранието, а беше донесена и одлука да се одржи јавна расправа во првата половина од следниот месец.












