Министерството за транспорт и врски предлага измена и дополнување на Правилникот за урбанистичко планирање со цел поттикнување на инвестициите, зголемување на конкурентноста преку побрзи и поефикасни постапки за урбанизација на просторот, отворање нови работни места и побрз економски развој. Имено, со измените, во Правилникот се предвидува постапките за урбанизација за изградба на супермаркети и хипермаркети со површини над 5.000 квадратни метри да се одвиваат преку Министерството за транспорт.
– Урбанизацијата за овој тип градби на локално ниво се одвива со забавена динамика, а државата, со оваа измена, им обезбедува помош на инвеститорите преку поефикасна и побрза реализација на инвестициските планови. Исто така , со предвидените измени се намалуваат и административните постапки, кои влијаат на брзата реализација на инвестициите. Оваа подзаконска измена има цел да ја поттикне конкуренцијата и да ги намали инфлаторните движења во услови на силни предизвици во делот на снабдување во синџирите на исхрана. Забрзаните постапки не се само административни измени, тоа е мерка што ќе обезбеди посилна конкуренција и динамичен развој на државата. Сметаме дека преку овој пристап инвеститорите добиваат поголема сигурност и предвидливост во постапките – беше истакнато на стручната расправа во Министерството за транспорт и врски, по измените на Правилникот.












