Гувернерот Трајко Славески уверува дека Народната банка внимателно ги следи економските текови и останува подготвена за реакција. – И покрај стабилните депозити и зголемените девизни резерви, растот на цените на енергенсите носи нови ризици за инфлацијата и за економијата – оценува Славески.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека растот на цените на енергенсите и глобалната неизвесност веќе се прелеваат врз домашната економија, влијаејќи врз инфлацијата, трошоците за производство и животниот стандард на граѓаните

Скокот на цените на нафтата и на нејзините деривати, како и на гасот, предизвикува шокови во економиите на државите, вклучително и во нашата, но Народната банка ја следи состојбата и е подготвена да одговори со сите расположливи инструменти. Ова го истакна во изјава за медиумите гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој оцените дека сегашниот шок од кризата е далеку поголем од оној во 2021 година, во текот на ковид-пандемијата, но истакна дека не треба да загрижува тоа затоа што, како што подвлече, депозитите се стабилни, а девизните резерви се повисоки од пред пандемијата, што е значајно за стабилноста на девизниот курс.

– Вакви шокови сме имале и во минатото. Многу е научено, особено во контекст на отпорноста на шокови на глобално ниво, како и преминот кон обновливи извори на енергија. Но, шокот е многу сериозен и Република Македонија не може да остане изолирана. Централната банка, во тесна координација со Владата и со Министерството за финансии, ги следи состојбите, кои, за жал, се менуваат од час во час и е подготвена да одговори со сите расположливи инструменти. Овие енергетски шокови претставуваат сериозен предизвик за носителите на економските политики и може само делумно да се апсорбираат – рече првиот човек на централната банка во земјава.

Тој истакна дека девизните резерви се за околу 70 % поголеми од пред ковид-пандемијата и се на ниво од околу 5,5 милијарди евра.

– Имавме мала конверзија на денарски депозити во странска валута во првата недела по конфликтот, но веќе се нормализираше тоа. Депозитите се стабилни, па дури и растат. Можно е зголемената цена на нафтата да се одрази врз трговското салдо и потребата од финансирање преку девизните резерви – рече Славески.

Според гувернерот, Владата и Народната банка се исправени пред предизвикот да се држи инфлацијата под контрола, а да не се загрози економскиот раст. Славески смета дека е најдобро да се носат краткорочни мерки што ќе бидат насочени кон најранливите категории граѓани и да се искористат сите можности за заштеда, особено во потрошувачката на енергија. Со оглед на случувањата на глобално ниво и очекувањата за зголемување на инфлацијата, Славески најавува можност за ревидирање на проекциите за инфлацијата.

Токму за неизвесноста во светски рамки предизвикана од војната на Блискиот Исток, Славески говореше и на меѓународната конференција „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост“ што се одржа вчера во Скопје. На конференцијата беше нагласено дека во услови кога се создаваат ризици за повторен раст на светската инфлација и за влошување на економските изгледи во светот, улогата на централните банки е да бидат фокусирани на одржувањето на ценовната и на финансиската стабилност, покажувајќи ја способноста за соодветно справување со можните шокови.

– Инфлацијата во регионот на Западен Балкан е значително намалена, од околу 15 %, во просек, во 2022 година, на приближно 3,6% на крајот од 2025 година, при што процесот на дезинфлација е постигнат без предизвикување рецесија или нарушување на финансиската стабилност. Ова е резултат на навремените и координирани мерки на централните банки, насочени кон стабилизирање на инфлациските очекувања – истакна гувернерот Славески, посочувајќи дека банкарскиот сектор во регионот ја задржа стабилноста, а неговата отпорност е зголемена, со високо ниво на капитална адекватност од 19,4 % и ниско учество на нефункционалните кредити од 2,8 %.

Според него, овие показатели укажуваат на солидна основа за справување со потенцијалните ризици со внимателно осмислени политики.

– Стабилноста мора да биде нашето сидро и во услови на светски промени – истакна гувернерот, нагласувајќи ја потребата од кредибилни политики и силни институции за справување со идните предизвици.

Премиерот Христијан Мицкоски, во своето излагање, посочи дека живееме во време на длабоки и брзи светски промени, во кое економските текови, финансиските пазари и безбедносните предизвици се преплетуваат повеќе од кога било досега, при што улогата на централното банкарство станува уште поважна – не само како чувар на ценовната стабилност туку и како столб на довербата, стабилноста и на економската отпорност.

– Отпорноста е клучниот збор на нашето време. Отпорност значи способност да се издржат шоковите, но и да се излезе посилен од нив. Тоа значи диверзификација на економијата, стабилни јавни финансии и доверба во институциите – потенцира Мицкоски.

Тој посочи дека воениот конфликт на Блискиот Исток дополнително ги продлабочил овие предизвици.

– Сведоци сме на значително нарушување на пазарите на енергенси, раст на цените на нафтата и на гасот, како и на зголемена неизвесност, која директно се прелева врз глобалната економија. Овие притисоци не остануваат далеку од нашите граници – тие влијаат врз инфлацијата, врз трошоците за производство, врз животниот стандард на граѓаните – рече Мицкоски.

Според него, централните банки се во срцето на оваа отпорност.

– Гувернерите мора да ги почитуваат законите и да бидат дел од движечката сила. Денес, повеќе од кога било, ни е потребна координација меѓу централните банки, владите и меѓународните партнери. Светските предизвици бараат заеднички одговори. Само преку соработка можеме да изградиме систем што ќе биде стабилен, иновативен и подготвен за иднината – истакна премиерот Мицкоски.

Во рамките на конференцијата се одржаа повеќе панел-дискусии посветени на макроекономските политики и справувањето со кризи, дигитализацијата и иновациите во финансискиот систем, како и на финансиската стабилност и макропрудентните алатки. На настанот учествуваа гувернери, претставници на централните банки и на меѓународните институции.

Народната банка ја задржа основната каматна стапка на 4 %

Народната банка ја задржа основната каматна стапка на нивото од 4 отсто, одлучи Извршниот одбор на редовната седница на која беа разгледани најновите економски и финансиски показатели, како на глобално така и на домашно ниво. Одлуката доаѓа во услови на зголемена неизвесност на светските пазари и внимателно следење на инфлаторните движења.

Како што соопштија од централната банка, на аукцијата на благајнички записи што ќе се одржи утре ќе бидат понудени 36 милијарди денари, додека износите за наредните аукции ќе зависат од ликвидносната позиција на банкарскиот систем. Од Народната банка посочуваат дека е донесена одлуката во сложен меѓународен контекст, обележан со зголемена неизвесност поради воените случувања на Блискиот Исток.

– Овие настани веќе влијаат врз глобалните пазари преку нарушување на снабдувањето со енергенси и раст на цените, што може да има подолгорочни последици врз инфлацијата и економскиот раст – велат од Народната банка и посочуваат дека во вакви услови, и Европската централна банка ја задржа својата каматна стапка, истовремено ревидирајќи ги очекувањата за инфлацијата нагоре, а за економскиот раст надолу.

На домашен план, инфлацијата продолжува да забавува и во февруари се сведе на 2,9 проценти, во согласност со очекувањата. Сепак, од централната банка предупредуваат дека ризиците остануваат присутни, особено поради можното нарушување во снабдувањето со енергенси и растот на цените на нафтата на светските пазари.

Оттаму нагласуваат дека идните движења на инфлацијата ќе зависат од развојот на геополитичките состојби и нивното влијание врз глобалните економски текови, при што Народната банка и натаму внимателно ќе ја следи состојбата и ќе реагира соодветно.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ