Владата ја следи состојбата на пазарот, а инспекциите се на терен за да се спречат девијантни практики и да се обезбеди стабилно снабдување со гориво.
Снабдувањето со нафта и нафтени деривати во Македонија е стабилно, истакна премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги информациите за зголемена побарувачка и привремен недостиг на одредени бензински пумпи во пограничните општини.
– Забележани се такви однесувања на некои пумпи поради голем притисок од соседните држави, каде цената на енергенсите е 40 до 50 проценти повисока отколку кај нас – рече Мицкоски, додавајќи дека разликата во цените е особено видлива со Србија, каде цената на горивото достигнува 120 до 130 денари, додека во Македонија е околу 71 денар.
Според него, зголемената побарувачка од соседството довела до повремен недостиг на гориво на поединечни пумпи, но Државниот пазарен инспекторат е на терен и граѓаните непречено се снабдуваат со нафта и нафтени деривати.
Компанијата „Лукоил Македонија“ воведе привремено ограничување на продажбата на дизел за тешките товарни возила, кои ќе можат да точат најмногу 50 литри по возило, со цел рамномерно управување со снабдувањето. Истовремено, строго е забрането точење гориво во несоодветни канистри, а мерката не важи за веќе склучени договори со компанијата. Од „Лукоил Македонија“ појаснуваат дека мерката е привремена и е донесена во рамки на нивната политика за општествено одговорно работење, со цел да се обезбеди рамномерно снабдување и заштита на интересите на сите потрошувачи.
Слични феномени се забележуваат и во Германија, каде границите со Полска и Чешка се предмет на засилени проверки од царината. Германската управа ги контролира возачите кои одат да полнат гориво поевтино во соседните земји, бидејќи разликата во данокот довела до пониски цени на бензинот и дизелот – до 60 центи по литар.
Премиерот оцени дека светот влегува во период на нови конфликти и геополитички турбуленции, кои директно влијаат на пазарите на енергија.
– Економиите се под жесток притисок. Стабилноста на многу земји е на тест. Во вакви времиња, државите мора да бидат внимателни, сериозни и одговорни – рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата презема анализи и конкретни чекори за да не дозволи сериозно влошување на состојбата и потенцираше дека неговата цел е граѓаните да плаќаат поевтино од соседството.
– Како Влада сме посветени на две прашања. Првото – анализи и чекори за кризата предизвикана од случувањата на Блискиот Исток. Мојата цел е да имаме најефтини бензини во регионот, и покрај реалноста дека мора да има поскапување. Но ќе се борам граѓаните да плаќаат помалку од сите останати во регионот – рече тој.
Мицкоски нагласи дека Македонија има стабилни државни резерви кои можат да покријат потрошувачка за повеќе од 62 дена, а нафтоводот со јужниот сосед е ставен во функција, што дополнително ја зајакнува енергетската стабилност.
– Кога почнавме да го рестартираме нафтоводот со нашиот јужен сосед на многумина им изгледаше чудно и невозможно, но поминаа сите тестови и можеме да го користиме и тој капитал. Може да го ставиме и на располагање на соседите и тие да го користат за нивните потреби. Македонија во моментот има стабилна енергетска состојба и е фактор на стабилност во регионот и граѓаните плаќаат најевтина цена за нафта и нафтени деривати – додаде Мицкоски.
Во моментов, цената на литар бензин или дизел во Македонија е околу 1,35 долари, што е пониско од цените во соседните земји, како Србија, Косово, Бугарија и Грција. Експертите предупредуваат дека глобалните конфликти, како војната на Блискиот Исток и затворањето на Ормутскиот теснец, можат да влијаат на цените и потенцијално на домашниот пазар. Меѓународниот експерт Душан Васиљевиќ нагласува дека потенцијалните ескалации на Блискиот Исток можат да предизвикаат ценовни флуктуации и во Македонија.
Во меѓувреме, американската сурова нафта забележа најголем неделен раст од 1983 година, достигнувајќи над 90 долари за барел, поради геополитичката тензија во регионот. Порастот на цените веќе се одразува и на американскиот пазар на гориво, каде цената на галон бензин се зголеми за речиси 27 центи.
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), како независно тело, утре ќе заседава за состојбата со цените и снабдување со горива.
На повидок 17 инвестиции и нови 5.000 работни места
Владата активно работи на 17 инвестиции во вредност од 650 милиони евра, кои треба да создадат нови 5.000 работни места, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
– Инвестициите коишто или се почнати, или се реализираат, или се во фаза на договарање на државна помош, а се дел од портфолиото на ТИР Зони изнесуваат околу 650 милиони евра. Тоа се 17 инвестиции коишто треба да креираат до 5.000 нови работни места. Работиме и се трудиме да биде подобро за нашите сограѓани – рече Мицкоски.
Тој потсети дека Македонија ја завршила 2025 година со реален раст од 3,5% ставајќи ја во првите пет економии во Европа според податоците од Евростат, веднаш зад Ирска, Малта, Кипар и Полска.
– На пример, нашиот северен сосед има околу два проценти раст, а нашата економија расте три и пол проценти – седумдесет и пет проценти повеќе. Номиналниот раст е над осум проценти, што претставува историски највисок раст – додаде премиерот.
За 2026 година, Владата очекува буџетски дефицит помал од 3,5% и реален економски раст од околу 4%.
– Во првите шест квартали од оваа Влада, просечниот раст на македонската економија е 3,5%, речиси двојно повеќе од растот од 2% во првите шест квартали на претходната влада. Тоа се бројките. Нашата борба е економски раст, инвестиции и нови работни места Тоа е разликата што ја прави оваа Влада – истакна Мицкоски.
Владата ја следи ситуацијата на светските пазари и дека ќе интервенира доколку постои ризик од нов инфлаторен шок, предизвикан од конфликтите на Блискиот Исток,.
– Возможноста за нова инфлација, ако потрае кризата во Заливот, е реална и ние согласно развојот на настаните ќе реагираме. Не сме политичка гарнитура која внесува страв, туку нудиме решенија и се трудиме да создадеме поинаква атмосфера во општеството – рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека Владата ќе ги искористи сите алатки на Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренцијата, а законот ќе биде изменет со цел глобите за нерегуларности да бидат зголемени од 10 до 20 пати.
– Секое нефер или девијантно однесување на маркетите ќе биде најстрого казнето. Во делот на енергенсите, дури и во најтешките моменти, Владата не ја зголеми цената на електричната енергија – рече Мицкоски, додавајќи дека опозициските партии често практикуваат двојни стандарди, обвинувајќи ја Владата и покрај ниските цени на снабдувањето.
(С.Бл.)












