четврток, октомври 29, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Шефицата на ЕЦБ ќе поднесе оставка од функцијата претседател 9 месеци пред...

Шефицата на ЕЦБ ќе поднесе оставка од функцијата претседател 9 месеци пред крајот на мандатот

6
EPA/RONALD WITTEK

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, ќе се повлече од својата функција на 7 февруари 2027 година – приближно девет месеци пред истекот на нејзиниот осумгодишен мандат – соопшти денеска оваа институција, пренесува „Еуроњуз“ (Euronews). Веста за нејзиното заминување пристигна непосредно пред ЕЦБ да ја објави својата најнова одлука во врска со каматните стапки.

Лагард за својата одлука го известила Советот на гувернери на ЕЦБ – телото што ја одредува монетарната политика за еврозоната – како и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста. Причините за нејзиното предвремено заминување не се откриени.

„Советот на гувернери упати срдечна благодарност до претседателката Лагард и ја поздрави со овации“, соопштија од ЕЦБ.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ѝ се заблагодари на Лагард за нејзиниот ангажман, истакнувајќи ја посветеноста што таа ја покажала откако застана на чело на Европската централна банка во ноември 2019 година.

„За да се обезбеди непречена транзиција кон ново раководство во ЕЦБ, процесот за именување на нејзиниот наследник започнува денес и ќе се одвива без одлагање“, изјави Коста.

Новиот претседател на ЕЦБ ќе биде именуван од Европскиот совет, кој ги обединува лидерите на земјите-членки на Европската унија. Според правилата на ЕУ, одлуката се носи со квалификувано мнозинство, врз основа на препорака од министрите за финансии на земјите од ЕУ, како и по консултации со Европскиот парламент и Советот на гувернери на ЕЦБ. Кристин Лагард, поранешна министерка за финансии на Франција и поранешна извршна директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), застана на чело на Европската централна банка во ноември 2019 година. Шпекулациите за нејзиното предвремено заминување се појавија пред неколку месеци.

Според „Еуроњуз“, се очекува ЕЦБ на денешниот состанок да ја задржи каматната стапка на депозитите на ниво од 2,5 отсто. Предвидено е Лагард да им се обрати на новинарите по објавувањето на одлуката.

ИЗДВОЕНИ