Со предложените законски измени, тракторите и другата земјоделска механизација ќе може да се движат по локалните и регионалните патишта, а легализацијата треба да заврши до 31 декември 2028 година. Владата го достави до Собранието предлог-законот за изменување на Законот за возила, кој обезбедува нов рок за земјоделците што не успеале да ги регистрираат своите возила досега. Овие трактори, комбајни и друга земјоделска механизација земјоделците ги имаат наследено од лица што биле сопственици и сега се починати. Тие досега не можеа да ги регистрираат, бидејќи немаа документи

 

Тракторите, освен по нивите, ќе може да се возат и по локалните и регионалните патишта. Ова ќе се овозможи со легализацијата на тракторите, тракторските приколки, мобилните машини, мотокултиваторите и на камп-приколките, која треба да заврши до 31 декември 2028 година. За таа цел, Владата достави до Собранието предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за возила, со кој се предвидува нов рок за легализација на тракторите. Легализацијата треба да заврши за две години, со што се очекува конечно затворање на ова прашање, кое создава правна несигурност подолго време.

Според постојната регулатива, за да може едно возило да учествува во сообраќајот на патиштата во државата, неопходно е да биде регистрирано, а регистрацијата зависи од проверката на неговата техничка исправност.

– Имавме одреден период кој заврши пред неколку години и во кој земјоделците не успеаја да ја легализираат земјоделската механизација. И сега побаравме да се продолжи рокот за да може земјоделците што ја немаат легализирано земјоделската механизација да ја легализираат во рок од две години. Тракторите и другата земјоделска механизација беа во сопственост на земјоделците, но тие не можеа да ги регистрираат, бидејќи немаа документи – изјави за весникот ВЕЧЕР Тони Максимов од Националната земјоделска мрежа.

Тој појаснува дека овие трактори, комбајни и друга земјоделска механизација најчесто ги имаат наследено од своите дедовци и татковци, односно од лица што биле сопственици и сега се починати.

– Со легализација, целата земјоделска механизација ќе може да се регистрира и да се пушти во сообраќај. Моментално тие се користат само по нивите, за вршење земјоделски работи и не можат да излегуваат на локалните и на регионалните патишта, бидејќи немаат сообраќајна дозвола и соодветна сигнализација и претставуваа ризик на патиштата – објаснува Максимов.

Откако ќе се регистрираат еднаш, земјоделците бараат тракторите и земјоделската механизација да не се регистрираат секоја година, туку еднаш на пет години за да не се изложуваат на дополнителни трошоци, со тоа што секоја година ќе се врши контрола за техничка исправност и сигнализација, само регистрацијата да се плаќа еднаш на пет години.

Според образложението во предлог-законот доставен во Собранието, голем број граѓани не успеале да ги завршат постапките за легализација во претходно утврдените рокови, а дел од предметите сè уште се во жалбена или во судска постапка. Со новите одредби се овозможува поднесување предлог за легализација пред надлежен суд, кој по објавувањето јавен оглас и истекувањето на законските рокови ќе може да донесе решение за утврдување на сопственичкиот статус.

Со измените ќе им се даде уште една шанса на граѓаните да го утврдат сопственичкиот статус над овие возила и да ги регистрираат, со што ќе се избегне правна несигурност и ќе се затвори ова прашање, кое останува нерешено во државата подолг период.

– Предложените измени имаат цел и подобрување на системот за техничко одобрување на возилата. Во практика се утврдени одредени недоследности при издавањето потврди за исполнување на техничките барања и карактеристики на возилата, нивните системи и составни делови. Начинот на издавање на овие потврди од страна на застапници или претставници на независни институции не обезбедува доволно јасни и унифицирани стандарди, ниту ефективна контрола, што создава ризик од вклучување во сообраќај на возила што не ги исполнуваат целосно пропишаните услови – се појаснува во законското решение.

Со законските измени се очекува поголема транспарентност во постапките за одобрување и следење на техничките барања, што претставува важен чекор во процесот на усогласување со европските стандарди. Примената на одредбите од спогодбата од 1958 година за униформни технички прописи за возилата ќе придонесе за зголемување на безбедноста и на квалитетот во транспортниот сектор.

Со предложените измени на Законот за возила се очекува да се подобри безбедноста во сообраќајот, да се воспостават појасни и построги процедури за техничко одобрување и да се овозможи граѓаните во дополнителен рок да ги легализираат и регистрираат своите трактори, приколки, мобилни машини, мотокултиватори и други возила од наведените категории, со што тие ќе може законски и безбедно да се користат на патиштата.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ