Првиот претседател на Општинското собрание на Прилеп во плуралистичкиот демократски период, Илија Димоски- Шаторо, е добитник на наградата за животно дело „3 Ноември“, која се доделува по повод Денот на ослободувањето на градот.
Одлуката ја донесе Комисијата за одбележување значајни настани, личности и празници, а имињата на добитниците ги соопшти претседателот на Комисијата, советникот Христијан Тунески.
Покрај наградата за животно дело, годинава се доделени четири плакети на институции, организации и на компании, како и осум дипломи за поединци што постигнале значајни резултати во науката, образованието, спортот, културата и во уметноста.
Добитници на плакетите „3 Ноември“ се: црковниот хор при црквата „Света Петка“, за придонесот во духовниот и богослужбениот живот; винарницата „Сарика“, за производството на автентично вино и за развојот на лозарството; Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп, по повод 65 години од постоењето на меморијалниот музеј „11 Октомври“, како и „Витаминка“, по повод 70 години постоење.
Дипломите „3 Ноември“ им се доделени на: Никола Здравески, за освоените златен и сребрен медал на Светската олимпијада по географија; Кирил Петрески, постхумно, за долгогодишниот придонес како драматург и режисер во театарот „Војдан Чернодрински“; Благица Чатлеска, наставничка по англиски јазик во ООУ „Гоце Делчев“, прогласена за најдобар просветен работник во Македонија; Димитар Димитриоски, ракометар и најдобар стрелец во македонската ракометна Суперлига; Стефче Стојковски, музички уметник и чувар на македонскиот фолклор; Матеј Белистојаноски, светски и европски првак во карате во својата категорија; проф. д-р Антонио Јакимовски, за високите достигнувања во областа на археологијата, како и Марјан Стојаноски, академски уметник и скулптор.
Наградите ќе бидат врачени на 3 ноември, на свечена седница по повод Денот на ослободувањето на Прилеп.












