Во скопско Пржино се снима дебитантскиот долгометражен игран филм „Пролетно чистење“, по сценарио на Марија Апчевска-Петровска и Ереник Бекири од Албанија, а во режија на Апчевска-Петровска.
Филмот ја раскажува приказната за Варава, одметнатата ќерка која се враќа во својот мал роден град поради самоубиството на нејзината мајка, но се чини дека и нејзината мајка се вратила од задгробниот живот за да ја научи на некои лекции.
Во главните улоги се јавуваат Јулиа Марковска-Фалзон и Зоја Николова, за кои ова е прво филмско искуство, како и Стефан Вујисиќ и Ана Костовска од Македонија, и Ника Розман од Словенија.
Директор на фотографијата е Константинос Кукулис од Грција, авторската екипа од Србија се состои од Драган Вон Петровиќ монтажа, и костимографката Лидија Андриќ, додека дизајнер на шминка и маска е Мојца Горогранц-Петрушевска од Словенија. Македонски автори во филмот се нашите докажани професионалци, Кирил Спасески, како дизајнер на продукција, и Игор Поповски, кој е одговорен за звукот.
Филмот е во продукција на „Кино око“ на Роберт Насков и финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, филмските центри на Словенија, Грција и Србија, како и од ЕРТ – националната телевизија на Грција. Овој проект доби финансиска поддршка и од Европскиот кинематографски фонд Eurimages, а во фазата на развој беше поддржан од програмата „Медиа“ и од „Си синема нетворк“. Копродуценти на филмот се Антигони Рота (Foss Productions) од Грција, Боштјан Иковиќ (Арсмедиа) од Словенија и Милош Љубомировиќ (Сервиа филм) од Србија.
Ова е прв долгометражен филм на Марија Апчевска-Петровска, чиј краток филм „Северен Пол“ беше првиот македонски филм кој ја имаше својата премиера во официјалната конкуренција на Канскиот филмски фестивал и беше прикажуван на повеќе од 150 фестивали во светот каде што освои голем број награди.












