Парагвајскиот тенисер Адолфо Даниел Валехо се најде во центарот на огромен скандал на Ролан Гарос, откако беше казнет со 65.000 евра поради контроверзни и сексистички изјави по неговиот пораз во второто коло.

Инцидентот се случил по исцрпувачкиот натпревар против францускиот тинејџер Моиз Куаме, по кој Валехо ја критикувал работата на судијката Ана Карваљо, изјавувајќи дека „натпревар од ваков тип треба да го суди маж“.

Тој дополнително навел дека „за жена е тешко да ја контролира атмосферата и притисокот од публиката“, што веднаш предизвика жестоки реакции во тениската јавност.

Организаторите на турнирот остро реагираа, оценувајќи дека ваквите коментари се неприфатливи и во директна спротивност со вредностите на гренд слем турнирот.

Директорката на турнирот, Амели Морезмо, потврди дека казната е изречена според правилата на турнирот и нагласи дека професионализмот, а не полот, го дефинира квалитетот на судењето.

Валехо подоцна се обиде да ја смири ситуацијата, тврдејќи дека неговите зборови биле погрешно протолкувани и дека не биле насочени кон жените генерално, туку кон конкретната ситуација на теренот.

Сепак, неговото објаснување не ја промени одлуката – казната остана во сила и важи како една од највисоките во поновата историја на турнирот.

Во изјава на социјалната мрежа „Икс“, Валехо нагласи дека му честитал на противникот и дека публиката имала право да навива за домашниот играч, но дека судењето, според него, не било на потребното ниво.

Од Ролан Гарос порачаа дека ваквите изјави немаат место во спортот и дека ќе се санкционира секое однесување што го нарушува интегритетот на натпреварувањето.

Иако младиот Моиз Куаме направи сензација со победа во првото коло и пласман во втората рунда, неговиот поход заврши во следното коло по поразот од Алехандро Табило.

Скандалот со Валехо сега останува како едно од најконтроверзните случувања на годинашниот Ролан Гарос.

ИЗДВОЕНИ