„Македонски филм. На големо платно“ е мотото на проектот кој денеска го промовираше Агенцијата за филм, а преку кој публиката бесплатно ќе може да гледа македонски филмови во киното „Синеплекс“. Проектот има за цел доближување на домашната кинематографија до публиката и враќање на македонскиот филм повторно таму каде што припаѓа – на големото платно.
Проектот Агенцијата за филм го реализира во соработка со „Синеплекс“ и тој предвидува бесплатни кино-проекции на различни македонски филмови секој понеделник во 18:00 часот. Љубителите на седмата уметност ќе имаат можност да проследат селекција од најзначајните македонски остварувања во професионални кино услови, а влезот ќе биде бесплатен по принципот „прв дојден, прв услужен“, без претходна резервација на билети.

Програмата за април започнува со „Панкот не е мртов“ во режија на Владимир Блажевски (6 април), кој оваа година одбележува 15 години од својата премиера, по што следуваат „Avec L’amour“ во режија на Илија Цветковски (13 април), „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во режија на Теона С. Митевска (20 април) и „Хомо“ во режија на Игор Иванов (27 април).

„Сакаме македонскиот филм да не се гледа само на фестивали, туку да биде достапен за сите и да стане дел од секојдневието на публиката. Со оваа соработка го враќаме филмот таму каде што најмногу му прилега – на големото платно. Ова е само почеток на активностите по повод 20 години од формирањето на Агенцијата, преку кои сакаме уште повеќе да ја развиваме филмската култура и интересот за домашниот филм“, изјави директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски кој посочи дека целта е на македонскиот филм да му се даде поголема видливост.

Регионалниот оперативен менаџер на „Синеплекс“, Ненад Станковиќ, посочи дека дава целосна поддршка на иницијативата со цел да се врати публиката во кино салите и да се зголеми интересот за домашниот филм. Нагласи и дека проектот ќе биде поддржан преку сите комуникациски канали на „Синеплекс“, како и дека, доколку има зголемен интерес, ќе се отворат повеќе сали истовремено, упатувајќи покана до публиката секој понеделник да биде дел од ова кино доживување.

Во рамки на проектот ќе бидат прикажани филмови од сите категории, а проекциите постепено ќе се прошират и во домовите за култура низ државата. Дополнително, ќе се организираат мастер-клас предавања со меѓународни професионалци, како и поддршка за кино-дистрибуција на нови македонски филмови со субвенционирани билети.
Паралелно, Агенцијата за филм и Бирото за развој на образованието потпишаа Меморандум за соработка за воведување на филмот како едукативна алатка во наставниот процес.












