недела, јули 26, 2026
Дома КУЛТУРА Македонски филм за новинари вовлечени во корупција на Фестивалот во Олденбург, Германија;...

Македонски филм за новинари вовлечени во корупција на Фестивалот во Олденбург, Германија; Светска премиера на дебитантското остварување на Срѓан Јаниќијевиќ

3

Приказната на филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“ на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ следи двајца новинари вовлечени во свет на корупција, злоупотреба на моќ, политичка хипокризија и скандали, во кој секој обид да се открие вистината носи нови морални дилеми и лични последици. Според режисерот Јаниќијевиќ, едно од централните прашања што ги отвора филмот е колку е можно човек да остане „чист“ во средина во која вистината постојано се приспособува на интересите на моќниците

Македонскиот филм „Нема да ви се верува што се случи претходно“, дебитантско долгометражно остварување на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ ќе ја има својата светска премиера во официјалната конкуренција на 33. Меѓународен филмски фестивал во Олденбург, Германија, што ќе се одржи од 16 до 20 септември.

„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј фокус се борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се длабоко преплетени. Приказната следи двајца новинари вовлечени во свет на корупција, злоупотреба на моќ, политичка хипокризија и скандали, во кој секој обид да се открие вистината носи нови морални дилеми и лични последици.

Според режисерот Јаниќијевиќ, едно од централните прашања што ги отвора филмот е колку е можно човек да остане „чист“ во средина во која вистината постојано се приспособува на интересите на моќниците. Сценаристот Сашо Кокаланов нагласува дека филмот не претендира да биде целосна слика на македонското новинарство, туку преку конкретна приказна отвора пошироки прашања за медиумите, политиката и општеството.

Идејата за филмот е на Јаниќијевиќ, а сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски. Главните улоги ги толкуваат Никола Ристановски и Дарја Ризова, а во актерската екипа се и Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски. Директор на фотографија е Дејан Димески.

Филмот е финансиски поддржан од македонската Агенција за филм. Извршен продуцент е Сашо Пешев, а реализиран е во продукција на „Ново македонско видео“ и „Њу момент“.

Во Олденбург, долгометражното деби на Јаниќијевиќ ќе се натпреварува за фестивалските награди. Главната фестивалска награда се доделува за најдобар независен долгометражен филм, а фестивалот доделува и признанија за режисерска храброст, оригиналност, дебитантски филм и актерски остварувања. Меѓународниот филмски фестивал во Олденбург е познат во филмските кругови како „Европски Санденс“, кој повеќе од три децении претставува една од значајните европски платформи за независната кинематографија. „Холивуд репортер“ го опишува како водечки германски фестивал на независниот филм и едно од задолжителните места на европската фестивалска сцена.

– Изборот во официјалната конкуренција на Олденбург му овозможува на филмот своето меѓународно патување да го започне на фестивал препознатлив по поддршката на бескомпромисни авторски гласови, независни продукции и дебитантски остварувања, посочуваат од продукцијата.

ИЗДВОЕНИ