Македонскиот рубин, наместо само да се чува, ќе почне и повеќе да се промовира во земјава и во странство. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Здружението „Откритие“ потпишаа меморандум за соработка за подобра заштита и претставување на минералното богатство на Македонија.
Предвидени се изложби, предавања, работилници и едукативни програми, а ќе се воспостави и соработка со музеи, универзитети и научни институции. Една од главните новини е отворањето Центар за геонаследство во просториите на Министерството. Во него ќе бидат изложени минерали, кристали, фосили и други геолошки експонати, со цел геологијата да им се доближи на граѓаните, особено на младите.
Министерката Сања Божиновска рече дека Македонија има богато геолошко наследство кое со години било недоволно претставувано, а македонскиот рубин е еден од неговите најпрепознатливи симболи и заслужува поголема промоција надвор од државата.












