Македонија не е меѓу шеесетте земји што добија дополнителни давачки од САД, но како што појасни премиерот Христијан Мицкоски, тоа никако не значи дека македонските производи влегуваат на американскиот пазар без царини.

– И ние сме меѓу земјите што не добија дополнителни царини, ама тоа не значи дека тргуваме без царини со САД. Да бидеме начисто – царини има – порача премиерот и додаде дека истото важи и за Србија, особено по изјавите од северниот сосед дека царините се нула додека траат преговорите.

Премиерот порача дека Владата останува посветена на развојот на односите со САД и оцени дека двете земји треба да соработуваат како вистински стратешки партнери.

– Не правиме циркус од тоа, ниту естрада. Тоа е нормална политика и така треба да функционира – изјави Мицкоски по посетата на градежните работи на клучката кај Момин Поток.

Што се однесува до цените на горивата, тој им порача на граѓаните да бидат спокојни затоа што Македонија и натаму останува држава со најниски цени на бензинот и дизелот во регионот, а ако треба, Владата пак ќе преземе мерки. Тој нагласи дека внимателно се следи што се случува на светските пазари, бидејќи цената на нафтата се формира на берзите и постојано се менува.

– Граѓаните нека бидат мирни. Ја следиме состојбата и во моментов сме земја со убедливо најниски цени на бензинот и дизелот во регионот. Ако затреба, ќе реагираме како што реагиравме и досега – порача премиерот.

Тој објасни дека сите држави ја купуваат нафтата од истите светски пазари, но, и покрај тоа, Македонија успева да ги задржи цените пониски од соседството.

– Не е работата кој е подобар политичар или претприемач. Нафтата е берзанска стока и сите ја набавуваат од исто место. Разликата е што кај нас цените се најниски и така ќе продолжиме – истакна Мицкоски.

Според него, Владата нема намера да ја менува оваа политика и ќе остане на ставот да ги заштити граѓаните од поголеми ценовни шокови доколку дојде до ново зголемување на цените на светските пазари.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски појасни дека парите од заемот што Владата го зела од М-НАВ, МЕПСО и Државната Лотарија ќе одат за отплата на кредитот што е обврска кон кинеска банка за автопатиштата, а во август ќе им бидат вратени.

– Не се само пари од М-НАВ. Тука се и средства од МЕПСО, Државната лотарија, како и сопствени средства на Јавното претпријатие за државни патишта. Сите тие пари ќе се искористат за отплата на кредитот за автопатиштата, а во август ќе им бидат вратени – рече премиерот и според него нема ништо невообичаено во ваквиот потег, бидејќи ваква постапка се применувала и во минатото кога било потребно навреме да се завршат обврските на државата.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ