Основниот граѓански суд Скопје повторно го прогласи за незаконски најавениот штрајк на Синдикатот на контролорите на летање, додека Македонска навигација (М-НАВ) поднесе кривична пријава против синдикалниот лидер, Александар Тасевски, и најави дополнителни правни чекори. Информацијата ја соопшти правниот застапник на компанијата, Горан Николовски, кој посочи дека судската одлука се темели на повеќе пропусти во постапката за организирање штрајк.
Според Николовски, Судот утврдил три клучни причини за забраната: отсуство на конкретни барања поврзани со работничките права, неспроведена задолжителна постапка за помирување и немање правен легитимитет на синдикалната подружница самостојно да организира штрајк.
– Барањето за штрајк не содржи синдикални барања, не е спроведена постапка за помирување и ССКЛ нема легитимитет самостојно да организира вакви активности – изјави Николовски.
Поради најавите за нови синдикални активности, М-НАВ веќе повела и посебна судска постапка со која бара да се утврди дека ССКЛ воопшто нема право самостојно да настапува. Овој чекор, како што појасни адвокатот, се темели на Законот за работни односи и на актите на гранковиот синдикат, според кои подружниците немаат статус за вакви дејства.
До Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава против Тасевски, поради сомнение за злоупотреба на службената должност. Според Николовски, тој побарал платено отсуство за синдикални активности, но наместо тоа, заминал на приватно патување. Со тоа, смета Николовски, Тасевски ја злоупотребил својата позиција и најавил синдикални активности, а, всушност, бил на приватна посета во странство, посочувајќи дека информациите за патувањето на Тасевски потекнуваат од новинар.
Во рамките на внатрешна постапка, М-НАВ утврдила и идентитет на вработен што одал доверливи информации во јавноста. Според Николовски, станува збор за податоци што биле доставени до Зоран Божиновски и објавени на порталот „Буревесник“. Тој рече дека се подготвува нова кривична пријава за овој случај.
Одговарајќи на новинарски прашања, Николовски оцени дека синдикалните активности, можеби, имаат цел да го дефокусираат работењето на компанијата.
– Сметам дека станува збор за обид за дефокусирање на јавноста и на ресурсите на М-НАВ наместо фокус на суштинските прашања – нагласи Николовски.
Тој додаде дека од М-НАВ, како институција од стратешко значење за безбедноста на воздушниот сообраќај, имаат обврска да реагираат во секој случај кога постојат сомнежи за злоупотреба или нарушување на системот.
– Конечната одлука за евентуално поведување кривична постапка, сепак, ќе ја донесе Јавното обвинителство – рече Николовски.
Синдикалецот Александар Тасевски вели дека наводите на Николовски се клевети преку кои „раководството на М-НАВ врши притисоци за повлекување од предметот“.
– Ние ќе продолжиме со нашата борба и нема да се покориме за да им дозволиме да го водат процесот надвор од професионалните рамки. Уставно загарантирано право е правото на штрајк, а ние ги почитувавме процедурите и мислам дека овој пат ќе има конечна судска одлука од Апелацискиот суд – вели Тасевски.
(С. Бл.) – Фото: Петр Стојановски












