Статистичките податоци исфрлија загрижувачки податок дека има пад на производството од термоелектраните и дека имаме голема зависност од увоз. Демократската унија за интеграција обвинува за нетранспарентност во управувањето со енергетските ресурси, експертите предлагаат за насушна  потреба од стратешки инвестиции, додека премиерот Христијан Мицкоски уверува дека е стабилен енергетскиот систем и дека државата дури и извезува електрична енергија

 

Најновите статистички податоци покажуваат дека Македонија ја почнала 2026 година со сериозни енергетски предизвици. Вкупното бруто-производство на електрична енергија во јануари годинава изнесувало 654.356 мегават-часови и тоа е конзум што покрива само 77,1 % од бруто-домашната потрошувачка. Загрижувачки е податокот дека струјата добиена од термоелектраните е помало за околу 22,5 % во однос на тој месец лани. Во тој месец, дури 65,5 % од вкупната потрошена енергија била увозна, додека 48,1 % од електричната енергија била обезбедена од обновливи извори.

На овие податоци реагираа од Демократската унија за интеграција (ДУИ), од каде што обвинија дека институциите не обезбедуваат доволна транспарентност во управувањето со енергетските ресурси. Според нив, намалувањето на производството од термоелектраните за 22,5 % го потврдува она што го објавиле претходно за зголеменото купување струја.

– Тоа што го објавивме во однос на купувањето електрична енергија, го потврди и Државниот завод за статистика, со тоа што бруто-производството на електрична енергија од страна на термоелектраните е намалено за цели 22,5 % споредено со тој период од претходната година – велат од ДУИ.

Од партијата додаваат дека „овој недостиг е целосно компензиран со купување базна електрична енергија“ и посочуваат дека струјата е набавувана од ТЕ-ТО, што, како што велат, е јавно достапна информација и бараат транспарентност од државната ЕСМ.

– За да се утврди кој ја кажува вистината, ја повикуваме ЕСМ да ги објави сите јавни повици и договори за купопродажба на електрична енергија за да имаат граѓаните увид во тоа како се менаџира со електроенергетските капацитети на државата – истакнаа од ДУИ.

Бидејќи овој проблем не е од вчера, туку е повеќегодишен, од Здружението на инженери на Република Македонија предлагаат долгорочно решение со изградба на реверзибилна хидроцентрала на Сува Гора, како стратешка инвестиција. Професорот Дејан Трајковски смета дека ваквиот проект може суштински да ја промени енергетската слика.

– Со моменталните 70 % енергија од термоцентралите на јаглен и гас, како и од увоз, нашите потреби за складирање изнесуваат околу 3 гигават-часови. Предложениот горен резервоар на Сува Гора, заедно со езерото Козјак како долен резервоар, би овозможил складирање 18 гигават-часови енергија, со што Македонија би можела да премине 100 % на обновливи извори – потенцира Трајковски.

Со ваков систем, смета Трајковски, државата би можела да функционира цел ден без потреба од фотонапонски и ветерни централи, како и без јаглен и гас. Според него, најважно е што инвестицијата би била самоодржлива.

– Кредитите би биле правилно вложени во профитабилна инвестиција наместо за непродуктивно тековно буџетско трошење, со докажана неисплатливост и нерентабилност – нагласува Трајковски.

Наспроти критиките, премиерот Христијан Мицкоски тврди дека енергетската состојба во земјава е стабилна. Во одговор на пратеничко прашање во Собранието, тој истакна дека Владата успешно се справува со последиците од глобалната енергетска криза.

– Енергетската состојба е стабилна и покрај најголемата глобална енергетска криза во последниве децении. Во моментот има околу 165.000 тони јаглен, додека хидроакумулациите се исполнети со речиси 40 % од капацитетот, а обезбедени се и доволни количини гас до крајот на април, за потребите на главниот град – истакна Мицкоски.

Тој рече дека АД ЕСМ во ноќните часови извезува електрична енергија во вредност од 100 до 150 илјади евра дневно, а тоа на месечно ниво е сума меѓу 6 и 9 милиони евра.

Премиерот дури оцени дека земјава „извезува стабилност“ во регионот, посочувајќи дека снабдува странски аеродроми со керозин.

– Дури и во услови на епска криза, ние снабдуваме неколку аеродроми со керозин. Замислете, ако сега донесеме одлука за забрана за извоз, тие аеродроми ќе мора да се снабдуваат по други, значително повисоки цени. Тоа директно ќе влијае на авионските билети, на транспортните трошоци и на инфлацијата во тие држави – нагласи премиерот Мицкоски.

Тој најави дека на претстојниот самит ЕУ – Западен Балкан ќе ги презентира плановите за регионална енергетска интеграција, потенцирајќи дека енергетските мрежи веќе функционираат како дел од поширокиот европски систем.

– Потребно е регионално да се организираме, затоа што преносните мрежи, далноводите, гасните интерконектори и нафтоводите немаат Шенген, не признаваат граници. Тие се интегрирани во европскиот систем. Таму нема преговори и уставни измени, таму само се интегрираме – рече Мицкоски.

Како потенцијална можност, тој ја наведе процената на Светската енергетска агенција дека во наредната деценија глобално ќе недостигаат 40.000 теравати нов инсталиран капацитет и оцени дека доколку регионот привлече само 0,01 % од тие инвестиции, тоа би значело околу 4 теравати нови капацитети или поделено на 10 години, тоа се 400 милијарди долари годишно.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ