недела, јуни 28, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Македонија увезува нафтени деривати од Грција, а Грците доаѓаат кај нас да...

Македонија увезува нафтени деривати од Грција, а Грците доаѓаат кај нас да точат бензин

Поради пониските цени на горивата, зголемена е потрошувачката од странски возила на македонските бензински пумпи. Покрај возилата од Србија, Косово, Бугарија и Албанија, и граѓаните на Грција сè почесто точат гориво на македонските бензински пумпи, најчесто поради пониските цени во споредба со соседните држави. Истовремено, податоците покажуваат дека најголем дел од нафтените деривати што се користат во Македонија доаѓаат токму од регионот, при што доминантен дел од увозот е од Грција. Ова ја истакнува меѓусебната поврзаност на регионалниот енергетски пазар, каде што истите земји се и главни снабдувачи и значајни потрошувачи

3089

Речиси 90 отсто од увозот на нафтени деривати минатата година бил од Грција, покажуваат податоците од годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) за 2025 година. Според извештајот, во истиот период е забележано зголемување на потрошувачката на бензините за 8,34 отсто во однос на 2024 година. Раст е регистриран и кај дизелот – 5,17 отсто, кај екстра лесното масло 2,23 отсто и кај течниот нафтен гас ТНГ – 3,55 отсто, додека пад има кај млазното гориво од 53,29 отсто, мазутот од 1,12 отсто и биодизелот – 2,52 отсто.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека државата нема проблеми во снабдувањето со нафта и нафтени деривати и дека е стабилен системот. Тој нагласи дека Македонија има меѓу најниските цени на горива во регионот, поради што граѓаните од соседните земји купуваат гориво кај нас, а дел од горивата, како керозин, се извезуваат и кон регионални аеродроми. Според него, зголемената потрошувачка не создава недостиг, бидејќи државата располага со доволни резерви.

– Состојбата со нафтата и нафтените деривати – дизел-горивата, безоловните бензини, керозинот итн. – е исклучително добра. Како држава, во моментов не забележуваме никакви тешкотии во снабдувачкиот синџир. Одржуваме континуирана комуникација со нашите набавувачи и не гледаме опасност ниту за граѓаните ниту за стопанството. Државата располага со доволни количини во резервите, а функционален е и цевководот што го поврзува солунското пристаниште со рафинеријата „Окта“. Во одредени денови, потрошувачката се зголемува и до 30 отсто, што делумно се должи на поголемиот број странски возила што точат гориво во Македонија, поради пониските цени.

Според најновите податоци, дизелот во Македонија е значително поевтин од оној во Грција. Кај нас, литар дизел чини околу 1,59 евра, додека во Грција е околу 1,79 евра, што значи дека кај нас е поевтин за приближно 0,20 евра за литар, односно околу 20 евроценти. И кај бензините разликата е слична, кај нас цените се околу 1,35 евра, додека во Грција достигнуваат околу 1,80 евра, што значи разлика од околу 0,45 евра за литар. Овие разлики се дел од причината поради која граѓаните од Грција и од другите соседни земји доаѓаат да точат гориво во Македонија.

Премиерот појасни дека во овој момент нема ограничување за точење гориво во пограничните подрачја, бидејќи, како што рече, системот е стабилен и нема недостиг на горива.

Вкупната продажба на нафтени деривати на домашниот пазар е зголемена за 4,88  отсто. Во структурата на потрошувачката доминира дизел-горивото со 74,16 отсто, по што следуваат безоловните бензини со 11,74 отсто, мазутот со 6,61 отсто и течниот нафтен гас со 5,22 отсто. Податоците од извештајот покажуваат и дека речиси 87 отсто од нафтените деривати се увезуваат од Грција, над 9 отсто од Бугарија, 2,07 отсто од Албанија и 1,45 отсто од Србија.

Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, изјави дека во 2025 година е завршено повторното лиценцирање на големите нафтени компании, со што, како што рече, се обезбедени предуслови за непречено снабдување со нафтени деривати во наредните 10 години.

Нагласи дека потрошувачката на природен гас остана стабилна. Податоците покажуваат дека ТЕ-ТО и трите топлани се најголеми потрошувачи со 85 отсто од вкупната потрошувачка, втори се индустриските потрошувачи со 13, додека потрошувачите што се приклучени на системите за дистрибуција на природен гас се со најмал удел од само 2 отсто.

Осум трговци вршеле увоз на природен гас во текот на изминатата година, што претставува зголемување на конкурентноста.

Во 2025 година, „Енерџи еколинк“ АД Скопје, поранешна Топлана „Скопје-Север“, се стекна со две лиценци, од кои едната е за производство, а другата за снабдување со топлинска енергија.

ИЗДВОЕНИ