Посетата е во рамките на проектот „Вотервил“, кој е насочен кон справување со недостигот на вода во руралните и планинските подрачја на Медитеранот. Тој предвидува истражување и развој на стратегии за поефикасно управување со водните ресурси, како и пилот-примена на напредни решенија во четири општини од четири земји. Меѓу предвидените решенија се дигиталното откривање на загубите на вода и развојот на инфраструктура отпорна на климатските промени. Резултатите и добрите практики ќе се споделат во 14 земји со цел нивна долгорочна примена. Се очекува овие решенија да им помогнат на локалните власти и водоводните претпријатија да обезбедат подобар пристап до безбедни и одржливи водни услуги за илјадници граѓани
Во рамките на проектот „Вотервил“, кој го спроведува Општина Битола, ЈКП „Водовод“ – Битола им беше домаќин на претставниците на Политехничкиот универзитет (UPV) Валенсија од Шпанија и на Универзитетот (UOWM) од Кожани, Грција.
На средбата, проектниот тим на Општина Битола ги претставил активностите на проектот.
– Директорот на ЈКП „Водовод“ – Битола, Андреј Гинов, и дипломираниот машински инженер Александар Велјановски ги запознаа проектните партнери со состојбата на водоснабдителниот систем, тековните предизвици и со плановите на претпријатието за модернизација на опремата за управување со водоводната мрежа. Особено внимание ѝ беше посветено на примената на дигитални и автоматизирани технологии за континуирано следење на протокот и на притисокот во мрежата. Податоците од мерењата ќе помогнат за навремено откривање на загубите и за поекономично планирање на производството на вода според потребите на корисниците – соопштија од Општина Битола.
Оттаму додаваат дека на работниот состанок, партнерите се запознале со функционирањето на системот SCADA и разговарале за десетте локации во руралните подрачја на кои се планира примена на иновативни решенија за подобрување на водоснабдувањето со средства одобрени во рамките на проектот.
– Во теренскиот дел од програмата, партнерите ја посетија филтерницата во селото Дихово, каде што заедно со стручниот тим извршија увид на неколку од локациите предвидени за вградување на новата опрема – наведуваат од локалната самоуправа.
Во рамките на проектот, кој е финансиран преку програмата „Интерег Јуро-Мед“, партнерите претходно реализирале теренски посети во општините Илирска Бистрица и Теслиќ. Планирана е посета и на Општина Жабљак.
Проектот „Вотервил“ е насочен кон справување со недостигот на вода во руралните и во планинските подрачја на Медитеранот. Тој предвидува истражување и развој на стратегии за поефикасно управување со водните ресурси, како и пилот-примена на напредни решенија во четири општини од четири земји. Меѓу предвидените решенија се дигиталното откривање на загубите на вода и развојот на инфраструктура отпорна на климатските промени. Резултатите и добрите практики ќе се споделат во 14 земји со цел нивна долгорочна примена. Се очекува овие решенија да им помогнат на локалните власти и на водоводните претпријатија да обезбедат подобар пристап до безбедни и одржливи водни услуги за илјадници граѓани.
– Покрај активното учество во проектот „Вотервил“, ЈКП „Водовод“ – Битола работи и на други проекти за унапредување на автоматизацијата и на дигитализацијата на водоснабдителниот систем. Со овие проекти се предвидуваат попрецизно следење на состојбата во мрежата, навремено откривање и побрзо отстранување на дефектите, како и поефикасно управување со системот. Целта е посигурно водоснабдување за населението – заклучија општинските власти .












