Бизнис-кризата во Германија продолжува да зема замав. Бројот на компании што завршуваат во стечај повторно бележи раст, покажуваат најновите податоци на германскиот Федерален завод за статистика (Дестатис), пренесени од ДПА.
Во август, германските судови регистрирале 2.067 барања за банкрот на компании, што претставува зголемување од 4,4 проценти во споредба со истиот месец минатата година. Иако растот е помал од јулските 8 проценти, трендот и натаму укажува на притисок врз германскиот бизнис-сектор.
Од јануари до август годинава, биле регистрирани вкупно 17.252 корпоративни банкроти, односно 6,6 проценти повеќе отколку во истиот период лани. Најпогоден е транспортниот и логистичкиот сектор, каде што се регистрирани 97,6 банкроти на 10.000 компании. Висока стапка на несолвентност бележат и хотелскиот и градежниот сектор, кои исто така се соочуваат со сериозни деловни предизвици.
Сепак, германската економија бележи и позитивни сигнали. Во првите три квартали од годината биле основани 525.100 нови бизниси, вклучувајќи ги и малите претпријатија, што е раст од 7,7 проценти на годишно ниво. Ова покажува дека, и покрај зголемениот број банкроти, претприемачката активност во Германија не запира.












