Организатори на оваа спортска манифестација се атлетскиот клуб „7 Ноември“ и Општина Гевгелија, а меѓу пријавените учесници, покрај од Македонија, има и 80 атлетичари од 22 држави, меѓу кои од САД, Украина, Финска, Грција, Франција, Хрватска, Кенија, Шведска, Еритреја, Србија и од други земји. Од скромна иницијатива на дваесетина ентузијасти, „Новембер ран“ за само седум години прерасна во една од најмасовните атлетски манифестации во земјава, која секоја година привлекува сè поголем број домашни и странски учесници, со гордост истакнува градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Ние, вели тој, ќе се потрудиме да бидеме добри домаќини, а на крајот нека победат најдобрите
Гевгелија се подготвува за вистински спортски спектакл.
Овој викенд, на 14 и 15 ноември, градот ќе биде во знакот на трчањето, дружењето, спортскиот дух и на инклузивноста, со одржување на шестото издание на атлетската манифестација „Новембер ран Гевгелија 2026“, која годинава ќе собере рекорден број од околу 3.200 учесници.
Организатори на оваа спортска манифестација се атлетскиот клуб „7 Ноември“ и Општина Гевгелија, а меѓу пријавените учесници, покрај од Македонија, има и 80 атлетичари од 22 држави, меѓу кои од САД, Украина, Финска, Грција, Франција, Хрватска, Кенија, Шведска, Еритреја, Србија и од други земји.
Ова уште еднаш ги потврдува меѓународниот карактер и сè поголемиот углед на трката. Членот на АК „7 Ноември“, Драган Ристов, истакнува дека спортската програма предвидува повеќе натпреварувачки дисциплини. На трката на 5 километри се пријавени 810 учесници, додека на патеката од 10 километри ќе се натпреваруваат 700 тркачи.
Особено внимание ќе привлечат и четирите детски трки, наменети за најмладите, родени во 2013 година и подоцна, на кои се очекува учество на околу 800 деца. Тој најавува и настап на победниците на последните две изданија на трката на 10 километри. Тоа се Сеаре Велдрези, победник во 2024 година, и Мирослав Бибиќ , кој триумфираше во 2025 година. Нивното учество дополнително ќе ги зголеми неизвесноста и натпреварувачката привлечност на главната трка.
Особено место во програмата и годинава ќе има инклузивната трка „Ран тугедр“, организирана во соработка со Фондацијата „Ице Бегов“. На неа ќе учествуваат околу 1.000 лица со попреченост, членови на 20 здруженија од Македонија и на едно здружение од Грција. Претседателката на оваа фондација, Елена Бегова, со задоволство истакнува дека оваа трка не е само спортски настан туку и силна порака за тоа дека може да се надминат бариерите и предрасудите, а инклузивноста треба да биде дел од секојдневното живеење. За многумина од учесниците, ова ќе биде можност да почувствуваат јавна поддршка, внимание, бодрење и аплаузи од своите сограѓани.
Новина во годинашната програма е и пилот-тест натпреварот на 5 километри на пат, кој ќе се одржи на 15 ноември. Иницијативата е на Атлетската федерација на Македонија и претставува подготовка за воведување национално првенство на 5 километри на пат во официјалниот календар на Федерацијата од 2027 година. Годинашниот натпревар ќе има тест-карактер и нема да се бодува во севкупниот пласман на клубовите.

Шестото издание на „Новембер ран Гевгелија“ ќе донесе уште една значајна новина за македонската атлетика. Првпат во нашата држава ќе биде спроведена допинг-контрола на улична атлетска трка, во соработка со Националната антидопинг-комисија – НАДО МКД. Со тоа, организаторите испраќаат јасна порака за чист спорт, еднакви услови и за чесно натпреварување, нагласувајќи дека секој спортски резултат треба да биде плод на труд, посветеност и фер борба.
Идејата за возобновување на градските атлетски трки, објаснува Игор Коцевски, претседател на АК „7 Ноември“, кои некогаш биле традиционален дел од прославите на 7 Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија, потекнала во 2019 година, од група гевгелиски атлетичари.
– Идејата дојде спонтано, на една заедничка средба на група атлетичари од градот. Сите бевме тркачи, учествувавме на трки во државата и надвор од неа. Во 2019 година, на 7 Ноември, истрчавме околу 25 тркачи. Потоа решивме следната година да организираме трка. Бидејќи 2020 година беше година на пандемија, најавивме виртуелна трка по улиците на Гевгелија. Не знаејќи колкав интерес ќе предизвикаме, бевме изненадени од одѕивот на 118 пријавени учесници. Тоа ни беше мотив следната година да организираме официјална трка, со почитување на сите спортски правила и регулативи – посочува Коцевски.
Од скромна иницијатива на дваесетина ентузијасти, „Новембер ран“ за само седум години прерасна во една од најмасовните атлетски манифестации во земјава, која секоја година привлекува сè поголем број домашни и странски учесници, со гордост истакнува градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Ние, вели тој, ќе се потрудиме да бидеме добри домаќини, а на крајот нека победат најдобрите.
И годинава Гевгелија повторно ќе биде исполнета со спортска еуфорија, детски насмевки, навивање и со позитивна енергија. Од една страна, домашните атлетичари ќе имаат можност да ги одмерат силите со квалитетни натпреварувачи од меѓународната атлетска сцена, а од друга, лицата со попреченост ќе бидат рамноправни учесници на манифестацијата, добивајќи простор за активно учество и за заедничко спортско доживување.
Со 3.200 пријавени учесници, шестото издание на „Новембер ран Гевгелија“ не е само трка на километри и секунди туку и потврда дека спортот може да ги обедини луѓето, да ги руши бариерите и да го претвори градот во голема спортска сцена.
Гевгелија викендов ќе трча за спортот, за заедништвото и за инклузивноста.
(Љ. А.)












