„Едвај чекам“ – коментираше Дејвид Гета на објавата, а од „Авалон“ ги објавија сите детали за влезниците за најголемиот музички настан во Македонија: „Сите влезници ќе чинат 35 денари, а достапни ќе бидат влезници и за стоење и за седење (трибина). Трибините се нумерирани и потребно е да одберете седиште при купувањето“.
– Влезниците ќе бидат достапни од петок (15 мај) само на avalonbooking.mk, сите влезници ќе чинат 35 денари, а достапни ќе бидат влезници и за стоење и за седење (трибина).
Трибините се нумерирани и потребно е да одберете седиште при купувањето на влезници за една од трибините. Стоењето не е нумерирано. Капацитетот на стадионот е ограничен, па наш совет е в петок да бидете брзи, за да си обезбедите место. И, за крај – да, влезниците навистина чинат 35 денари и тоа е единствениот трошок за набавување влезници за Дејвид Гета – „Монолит шоу“ на 8 септември, во арената „Тодор Проески“, најави „Авалон продукција“.
Според информациите што ги сподели „Авалон“, се очекува настанот да привлече повеќе од 50.000 посетители од Македонија и регионот, а концертот ќе биде организиран како централен музички настан по повод Денот на независноста.
Настанот веќе предизвика огромен интерес во јавноста, а се очекува концертот на Дејвид Гета, на 8 септември 2026 година, да биде еден од најголемите музички спектакли.
Настаните за прославата на овој празник ќе се одржуваат од 8 август до 8 септември, а на последниот и главниот ден, на градскиот стадион во Скопје, ќе настапи светски познатиот диџеј Дејвид Гета.












