Додека Владата најавува развојни инвестиции и економски раст, буџетот за 2027 година носи и висока сметка за старите долгови. Речиси милион евра дневно ќе одат за камати, а најголемиот дел од расходите ќе бидат насочени кон пензии, плати и здравство. За нови капитални проекти се планирани 664 милиони евра, но колкав дел од развојните амбиции ќе се претворат во реални резултати ќе зависи и од реализацијата на инвестициите и од товарот на задолжувањето

Предлог-буџетот за 2027 година влезе во собраниска процедура. На седницата на Комисијата за финансирање и буџет започна неговото разгледување во второ читање, при што министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ги образложи главните параметри и приоритети на буџетската рамка. Според министерката, буџетот е насочен кон одржување стабилни јавни финансии, продолжување на фискалната консолидација и поддршка на економскиот раст, со посебен акцент на капиталните инвестиции и подобрувањето на животниот стандард.

– Нашата определба останува јасна – постепена фискална консолидација, рационално и ефикасно трошење на јавните средства, подобра наплата на приходите и насочување на средствата кон развојни и продуктивни инвестиции – истакна Димитриеска-Кочоска.

Вкупните приходи во 2027 година се планирани на 395,4 милијарди денари, што е за 5,7 проценти повеќе во однос на 2026 година. Расходите се проектирани на 440,4 милијарди денари, со раст од 4,8 проценти, додека буџетскиот дефицит е предвиден на 45 милијарди денари, односно 3,5 проценти од БДП.

Економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти. Главен двигател се очекува да биде домашната побарувачка, пред сè преку зголемената инвестициска активност. Бруто-инвестициите треба да пораснат за 6,8 проценти, приватната потрошувачка за 2,5 проценти, а извозот за 5,8 проценти. Проекциите предвидуваат просечна инфлација од 3,2 проценти, раст на бројот на вработени од 1,2 проценти и зголемување на просечната нето-плата од 6,7 проценти.

На приходната страна, најголем дел од средствата треба да се обезбедат преку даноците, од кои се очекуваат 223,1 милијарди денари. Социјалните придонеси се планирани на 133,8 милијарди денари.

Министерката најави дека подобрувањето на наплатата, дигитализацијата на процесите, зајакнувањето на институционалните капацитети и намалувањето на неформалната економија ќе бидат меѓу главните приоритети.

– Целта е планираните приходи да се остваруваат врз реални и одржливи основи, без создавање дополнителен товар за граѓаните и за стопанството – рече таа.

На расходната страна, најголемите издвојувања се за пензии, за кои се предвидени 123,8 милијарди денари, плати во јавниот сектор – 57,2 милијарди денари, и здравствена заштита – 58,7 милијарди денари. За социјална заштита на најранливите категории се планирани 14,3 милијарди денари, а за активните мерки за вработување 2,9 милијарди денари.

Трансферите до општините се проектирани на околу 36 милијарди денари, додека за капитални инвестиции се предвидени 40,8 милијарди денари. Средствата ќе бидат насочени кон инфраструктурни, образовни, здравствени, енергетски и комунални проекти.

Меѓу позначајните инфраструктурни зафати се продолжувањето на проектите од Коридорите 8 и 10д, автопатските делници Кичево – Букојчани, Кичево – Охрид и Скопје – Блаце, како и модернизацијата на железничката инфраструктура, вклучително и источниот дел од Коридорот 8.

Планирани се и инвестиции во образованието, реконструкција на студентските домови, изградба и обнова на училишта и спортски сали, како и развој на инфраструктурата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Продолжуваат и проектите за енергетска ефикасност, модернизација на земјоделството, системи за наводнување, пречистителни станици и управување со отпадни води. Во Скопје, меѓу позначајните проекти е продолжувањето на активностите за воведување брз автобуски превоз.

Димитриеска-Кочоска нагласи дека не е важна само висината на планираните средства, туку и нивната реализација, односно навременото спроведување на проектите и постигнувањето конкретни резултати.

МН: Каматите и стариот долг го стеснуваат просторот за инвестиции

Еден од посериозните предизвици на буџетската рамка за 2027 година е зголемениот товар од сервисирањето на јавниот долг. За камати се предвидени околу 405 милиони евра, што е зголемување од 18,2 проценти во однос на ребалансот за 2026 година. Пресметано на дневно ниво, државата ќе издвојува приближно 1,1 милион евра само за камати, без да се пресмета отплатата на главнината. За споредба, планираните средства за камати достигнуваат околу 61 процент од капиталниот буџет, што отвора прашање за просторот што останува за финансирање нови развојни проекти.

Дополнителен товар претставуваат и обврските за отплата на постојните кредити. Според предлог-буџетот, за оваа намена во 2027 година се предвидени околу 65,2 милијарди денари, додека за финансирање на буџетскиот дефицит и отплатата на достасаните обврски се планирани финансиски приливи од 110,2 милијарди денари.

Меѓу обврските што стасуваат следната година е и отплатата на еврообврзницата од 500 милиони евра, издадена во 2023 година. Оттука, прашањето за задолжувањето не се сведува само на планираниот буџетски дефицит од 3,5 проценти од БДП, туку и на тоа колкав дел од новото финансирање ќе биде наменет за враќање на старите долгови, како и под кои услови државата ќе се задолжува.

Министерката посочи дека целта е постепено намалување на дефицитот и на јавниот долг преку рационализација на расходите, подобра наплата на приходите и поефикасна реализација на јавните инвестиции.

– Не е доволно само да планираме стабилни јавни финансии – наша обврска е тие да ги претвориме во видливи резултати, развојни инвестиции и подобри услови за живот на граѓаните – порача Димитриеска-Кочоска.

Предлог-буџетот во наредните десет дена ќе биде предмет на комисиска расправа. Пратениците ќе имаат можност да ги образложат и да ги бранат поднесените амандмани пред неговото понатамошно разгледување во собраниската процедура.

За буџетот се поднесени над 300 амандмани. Од предвидените десет дена расправа, четири се наменети за општиот претрес, а шест за разгледување на амандманите.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ