Велимир Жерновски во своето монументално дело ја обвиткува препознатливата „Пиета“ со златни ургентни прекривки, изработени од метализиран пластичен филм (мајлар, повеќеслојна тенка рефлектирачка фолија обложена со алуминиум), материјал првенствено произведен за вселенски мисии. Тие се водоотпорни, рефлектирачки и ја задржуваат телесната топлина. Кураторите објаснуваат дека уметникот, со овој материјал, повторно ја облекува „Пиета“ за да создаде нови значења. Златото ја обвиткува фигурацијата на делото во афективна сфера на емоции, страсти и страдање
Проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ од реномираниот мултимедијален уметник Велимир Жерновски ќе ја претставува нашата земја на 61. Биенале за уметност во Венеција, кое ќе се одржи од 9 мај до 22 ноември 2026 година.
Македонскиот национален павилјон ќе биде сместен на локацијата Спацио Кастело 77, на влезот во престижното Арсенале. Нашето претставување на Биеналето го организира Музејот на современа уметност – Скопје (МСУ), под покровителство на Министерството за култура и туризам. Куратори на проектот се Тихомир Топузовски од МСУ и Аманда Буткез од Канада, а комесар е Авни Ќаили, директор на МСУ.
Доделувањето на наградите и отворањето на главната изложба на Биеналето ќе се одржат на 9 мај. Тема на годинашната голема изложба е „Во молски тоналитети“ („In Minor Keys“), чиј куратор е Којо Куох, која почина пред една година. Со целосна поддршка од нејзиното семејство, Биеналето одлучило да ја реализира нејзината изложба токму како што ја замислила и дефинирала таа, од тимот што го избрала таа сама. На изложбата ќе се претстават 110 уметници од целиот свет, а во рамките на Биеналето, на локациите Арсенале и Џардини ќе бидат вклучени 100 национални претставувања и 31 дополнителен настан. Венециското биенале веќе 130 години е една од најпрестижните културни институции во светот. Македонија првпат самостојно се има претставено на престижната манифестација во 1993 година.
Кураторите Тихомир Топузовски и Аманда Буткез велат дека инсталацијата ги преиспитува границите на човечкото, размислувајќи надвор од нив и создавајќи нов етички сензибилитет.

Во своето монументално дело, Велимир Жерновски ја обвиткува препознатливата „Пиета“ со златни ургентни прекривки, изработени од метализиран пластичен филм (мајлар, повеќеслојна тенка рефлектирачка фолија обложена со алуминиум), материјал првенствено произведен за вселенски мисии. Тие се водоотпорни, рефлектирачки и ја задржуваат телесната топлина. Кураторите објаснуваат дека уметникот, со овој материјал, повторно ја облекува „Пиета“ за да создаде нови значења. Златото ја обвиткува фигурацијата на делото во афективна сфера на емоции, страсти и страдање.
– Вниманието повеќе не е насочено само кон човечката фигура туку се проширува и кон кревките релации, неизвесната иднина и споделените состојби на изложеност на ургентноста. Под рефлектирачките набори на прекривките, фигурите се појавуваат и исчезнуваат, сугерирајќи протејска трансформација. Состојбата на ургентноста е катализатор на промената. Во денешниот обеспокоен свет, делото на оплакувањето бара безграничен хоризонт каде што жалењето не е крајна точка, туку генеративен процес што доведува до нови релации и одговорности – велат кураторите.
Тие објаснуваат дека подеднакво е значајна материјалната симболика на прекривките користени во проектот, прекривки што функционираат денес како визуелни маркери на жртвите на глобалната нееднаквост, конфликтите, страдањата, уништените живеалишта, со што делото поттикнува нераскинливи релации со актуелните кризни состојби на ургентност. Прекривките овозможуваат поврзување со поединци и со групи што се во постојана несигурност и егзил, придружени со ранливи приказни за загубени домови, прекинати релации, трауми и смрт.
Велимир Жерновски (1981, Скопје) дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје. Преку медиумите на цртеж, видео, инсталации, објект-инсталации во јавен простор, пишување и објавување уметнички книги, како и сценски дизајн, тој ги истражува поимите на идентитетот, урбаноста и популарната култура. Реализирал самостојни изложби во: Њујорк (2010, 2012), Париз (2011), Виена (2009, 2011), Фрајбург (2009), Белград (2014, 2020), Скопје (2006, 2007, 2010, 2012, 2013, 2018). Активно има учествувано на бројни групни изложби во Европа, САД и во Азија, уште од самиот почеток на својата кариера во 2005 година.












