| Драматичната спасувачка акција траела околу 40 минути. Пожарникарите што учествувале во извлекувањето, за весникот ВЕЧЕР, сведочат дека со рачни алати копале во земјата за да стигнат до затрупаните. – Беше траурна глетка. Целата акција траеше четириесетина минути, а во неа беа вклучени седуммина пожарникари. За да ги извлечеме од под земја, користевме рачни алати. Кога ги извадивме, тројцата беа контактибилни, но вознемирени и исплашени, додека четвртиот беше мртов. Повредените беа пренесени во Ургентниот центар – раскажа за весникот ВЕЧЕР командантот на Градската противпожарна бригада, Ѕвонко Томевски
|
Фото: П. Стојановски
Трагедија го потресе Скопје вчераутро откако еден работник загина, а тројца беа повредени при одрон на земја на градилиште во Кисела Вода. Несреќата се случила зад кафулето „Фејс“, во близина на паркот „Македонија“, при ископ на темели за нов објект, кога земјата одеднаш се урнала и ги затрупала работниците. Едниот од нив починал на самото место. Станува збор за маж на возраст од околу 34 години.
Најпрво тројца повредени, а подоцна уште еден, беа хоспитализирани во комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што се под лекарски надзор. Ова, за весникот ВЕЧЕР, го потврди д-р Драган Панов од Итната медицинска помош, според кого, тројца се со полесни повреди, додека третиот има сериозни скршеници на нозете. Директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), Игор Мерџаноски, потврди за весникот ВЕЧЕР дека и третиот хоспитализиран имал полесни повреди и рече дека се следи здравствената состојба на повредените лица и дека продолжува нивниот медицински третман. Последниот што побарал лекарска помош бил со полесни повреди.
Од Ургентниот центар велат дека се транспортирани тројца повредени градежни работници. Двајца од работниците се со полесни телесни повреди и контузии, во тек се дијагностички процедури. Кај едниот од нив веднаш е санирана повреда на лакотот, а третиот пациент е со скршеници на двете потколеници и на едната натколеница.
Драматичната спасувачка акција траела околу 40 минути. Пожарникарите што учествувале во извлекувањето, за весникот ВЕЧЕР, сведочат дека со рачни алати копале во земјата за да стигнат до затрупаните.
– Беше траурна глетка. Целата акција траеше четириесетина минути, а во неа беа вклучени седуммина пожарникари. За да ги извлечеме од под земја, користевме рачни алати. Кога ги извадивме, тројцата беа контактибилни, но вознемирени и исплашени, додека четвртиот беше мртов. Повредените беа пренесени во Ургентниот центар – раскажа за весникот ВЕЧЕР командантот на Градската противпожарна бригада, Ѕвонко Томевски.
Според Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен во 8:17 часот, по што веднаш биле ангажирани сите надлежни служби.
– Денеска (24.4.2026) во 8:17 часот, во СВР Скопје е пријавено дека на градилиште на улицата „Козјак“ во Скопје, при ископ на темели, со земја биле затрупани тројца работници. Од нив, двајца се извадени и со возило на Итна медицинска помош се пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“, а во координација со Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Бригадата за противпожарна заштита, се преземаат мерки за вадење и на третото лице – беше првата информација до медиумите од МВР.
На местото на несреќата, зад објект во близина на паркот „Македонија“, во текот на денот и понатаму имаше засилено присуство на полицијата. Дежурен јавен обвинител изврши увид и нареди обдукција на починатиот. Во тек е истрага за причините за несреќата, како и за тоа дали биле почитувани мерките за безбедност при работа. (Р. В.)












