Во Илинден се реализираат повеќе капитални проекти, кои треба да им го подобрат секојдневието на граѓаните – од спортски објекти и детски капацитети до инфраструктурни зафати. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека продолжуваат инвестициите во општините и дека по првиот и вториот повик, следува подготовка за нов, трет повик. Според него, над 1.200 проекти низ државата се доказ дека Македонија е големо градилиште. Од локалната власт велат дека поддршката од Владата овозможува реализација на проекти што директно го подобруваат квалитетот на живот на жителите на Илинден

Нови стадиони, градинки, улици и инфраструктура – премиерот Христијан Мицкоски од Општина Илинден порача дека продолжува градежната офанзива низ државата и дека се подготвува нов, трет повик за проекти на општините. При посетата на Илинден, каде што направи увид на повеќе капитални проекти, меѓу кои и изградбата на новиот стадион и проширувањето на детската градинка „Гоце Делчев“, Мицкоски порача дека зад бројките стојат конкретни работи, кои, како што кажа, граѓаните секојдневно ги гледаат на терен.
– Добро е што се гради. Со овој проект на реалокација од централниот буџет кон општините, имаме повеќе од 1.200 проекти што се градат и добро е што Македонија е едно големо градилиште. Дел од проектите се завршуваат, дел се во процес на реализација, а многу мал дел ќе започнат – изјави премиерот.
Тој најави дека Владата веќе размислува за продолжување на инвестициониот циклус и нови можности за локалните самоуправи.
– Очекувам следната година да го заокружиме овој процес со проектите од првиот и од вториот повик и веќе да размислуваме за трет повик, кој мислам дека ќе биде, исто така, потребен. Во меѓувреме, општините подготвуваат нови проекти, што е добро – нагласи Мицкоски.
Според премиерот, целта е парите да стигнат до општините и таму каде што граѓаните најмногу го чувствуваат секојдневието: патишта, спортски објекти, градинки и друга инфраструктура.
– Само можам да им честитам на градоначалниците. Во случајов, да му честитам на градоначалникот на Општина Илинден. Александар прави импресивни работи тука. Голема благодарност и до советниците, администрацијата и до сите што придонесуваат да се реализираат повеќе проекти – рече Мицкоски.
Тој додаде дека, според него, се менува сликата на државата преку реализација на конкретни проекти.
– Од една држава која беше ограбена, понижена, засрамена, доаѓаме до држава во која се гради напред и така ќе продолжиме, како Влада, да функционираме – рече Мицкоски.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изјави дека со премиерот и со министерот за социјала, млади и демографија, Ѓоко Велковски, ги разгледале градежните активности на новиот стадион, како и проектите поврзани со подобрувањето на инфраструктурата и со проширувањето на капацитетите на градинката „Гоце Делчев“.
– Голема благодарност до претседателот и до сите министри во Владата за поддршката при реализацијата на овие проекти со кои го подобруваме квалитетот на живот за сите наши граѓани – рече Георгиевски.












