Ансамблот „Алтус“, познат по  изведбата, афирмирањето и зачувувањето на  класичното и современото македонско музичко творештво, завчеравечер беше вистинско освежување за публиката која го следеше нивниот настап во црквата „Св. Софија“, во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Под диригентската палка на Ана Спасовска настапија сопранот Гонца Богоромова-Краповски, флејтистката Елена Стојческа, кларинетистот Игор Иванов, гитаристот Роман Петиот, пијанистката Маријана Николовска, виолинистот Мартин Димитров, Александар Лаовски на виола и Паскал Краповски на виолончело.

Според Краповски, ова е трето нивно учество во рамките на „Охридско лето“, што според него е знак за континуитет и докажани концерти.

– За нас, како и за секој македонски уметник, најпрестижниот фестивал во Македонија, „Охридско лето“, не е само задоволство туку и престиж бидејќи самиот фестивал си ја носи тежината. Искуството што ние го споделуваме со публиката и тоа што ние го доживуваме е нешто што е незаменливо, нема цена, нема зборови со кои може да се објасни. Чувството на сцена го носиме ние, го доживуваме и тоа е прекрасно, изјави Краповски.

На синоќешниот репертоар беа изведени делата од современите македонски композитори Панде Шахов, Дарија Андовска, Дамјан Темков, Ангел Спироски и Томислав Зографски, но и композиции од  Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Андре Капле, Гијом Конесон, Х. Вила-Лобос, Мануел де Фаља и Астор Пјацола.

– Со оглед на тоа што ние сме ансамбл за современа музика, се трудиме да ја негуваме македонската современа класична музика како нешто квалитетно не само дома, туку да ја презентираме и надвор. Направивме една колажна програма која го опфати нашиот домен на интерес, но, сепак, настапуваме на фестивал што се одржува во лето, а без летна музика не може, додаде виолончелистот Краповски.

Ансамблот „Алтус“, кој уште од самите почетоци на своето постоење е одлично пречекан од страна на стручната јавност, во 2024 ја доби и наградата „Георги Божиков“ од СОКОМ како признание за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори.

ИЗДВОЕНИ