петок, јули 10, 2026
Дома СВЕТ Маѓар: Унгарија ќе добие до 10 милијарди евра од фондовите на ЕУ

Маѓар: Унгарија ќе добие до 10 милијарди евра од фондовите на ЕУ

31
Фото: EPA/LUDOVIC MARIN / POOL MAXPPP OUT

Унгарскиот премиер Петер Маѓар објави дека до 10 милијарди евра од фондовите на Европската Унија ќе бидат деблокирани, што значи дека Унгарија наскоро ќе ги добие средствата што првично беа наменети за неа.

Денес, Советот на Европската Унија го одобри Планот за закрепнување и отпорност на Унгарија, отстранувајќи ја, како што изјави Петер Маѓар, „последната пречка за деблокирање на до 10 милијарди евра од фондовите на ЕУ“.

Во своето соопштение, Маѓар ја обвини и партијата на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, „Фидес“, дека се обидува да го попречи самиот процес.

„Милијарди евра од фондовите на ЕУ конечно се на пат и ќе бидат насочени таму каде што им е местото – кон граѓаните на Унгарија, преку директна поддршка за транспортна инфраструктура, енергетска безбедност, здравствен систем, управување со водните ресурси и локални бизниси. Да живее европска Унгарија!“, рече Маѓар.

Инаку, овие 10 милијарди евра, имено 6,5 милијарди евра грантови и 3,9 милијарди евра меки заеми, беа блокирани во претходните години поради спорови меѓу Брисел и владата на Виктор Орбан околу владеењето на правото и состојбата на демократијата во Унгарија.

ИЗДВОЕНИ