Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја проширува истрагата за случајот со нелегален увоз, дистрибуција и апликација на медицински лекови и медицински помагала, познат во јавноста како случајот со ботоксите, при што се осомничени уште четири лица.
Во координирана акција, спроведена по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, вчера биле извршени претреси на пет локации во Скопје, вклучително и во две здравствени установи, при што се приведени три лица, меѓу кои двајца лекари.
Тројца осомничени се товарат за кривичните дела „злосторничко здружување“ и „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“, додека едно лице е осомничено за кривичното дело „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“, велат од ОЈО.
„По предлог на надлежниот јавен обвинител, на сите четворица осомничени судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје им определи мерки на претпазливост.
Предметот е оформен во април годинава кога беше донесена Наредба за спроведување на истражна постапка против 17 физички и шест правни лица за кои постои основано сомневање дека се инволвирани во извршување на кривичните дела „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „примање поткуп“.
Истрагата продолжува во насока на целосно расчистување на сите околности на случајот и утврдување на евентуална инволвираност и на други лица“ стои во соопштението на Обвинителство.












