Белорусија нема намера да напаѓа кого било, но е должна да ја осигура сопствената безбедност, изјави денес белорускиот претседател Александар Лукашенко.
„Некои нè обвинуваат дека планираме утре да нападнеме некого. Повторувам, немаме намера да нападнеме кого било, ние сме прагматичари. Разбираме дека ако нападнеме некогаш, да речеме, еден од нашите соседи, тоа би било рамно на смрт“, изјави Лукашенко за време на средбата со воениот персонал, пренесува „Белта“.
Како што вели, Белорусија е длабоко должна да го брани секој сантиметар, секој милиметар од својата земја, од своето население и да ја осигура безбедноста.
„Тоа е наша задача, без оглед на цената. Дури и ако тоа нè чини живот. Мораме да се подготвиме за ова, и се подготвуваме. И нека ниту Полјаците, ниту Литванците, ниту Летонците, ниту, особено, Украинците, не мислат дека утре ќе ги нападнеме. Не, ние се подготвуваме за каков било вид војна за да ја избегнеме“, наведе тој.
Како што на средбата извести началникот на Генералштабот на Вооружените сили и прв заменик-министер за одбрана, Павел Муравејко, специјалната оперативна вежба на единиците за врски на Вооружените сили започна на 7 септември, а трае до денес.
Целта на вежбата е увежбување на опциите за обезбедување стабилно командување и управување со воената организација на државата со користење нови техники и методи на комуникација засновани врз искуството од современите конфликти.












