сабота, септември 12, 2026
Дома СВЕТ Лидерите на БРИКС загрижени поради тензиите на Блискиот Исток

Лидерите на БРИКС загрижени поради тензиите на Блискиот Исток

0
Фото: EPA/INDIAN MINISTRY OF EXTERNAL FOREIGN AFFAIRS / HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

На денешниот самит на организацијата, лидерите на БРИКС изразија загриженост поради растечките тензии на Блискиот Исток и ги осудија санкциите што не се одобрени од Обединетите нации.

На самитот, на кој присуствуваше и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, лидерите изразија загриженост во врска со намерните напади врз цивилната инфраструктура и мирнодопските нуклеарни постројки кои се под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Во заедничката изјава беше нагласено дека нуклеарната безбедност и сигурност мора да бидат заштитени за време на вооружените конфликти. Оваа формулација беше протолкувана како индиректна критика за нападите на САД и Израел врз иранските нуклеарни постројки.

Лидерите на БРИКС исто така ги осудија едностраните санкции што не се одобрени од Советот за безбедност на ОН. Иако не беше именувана конкретна земја, Русија – земја-основач на БРИКС – се соочува со опсежни западни санкции воведени по почетокот на нејзината инвазија врз Украина во 2022 година.

„Повикуваме на укинување на таквите незаконски мерки, кои го поткопуваат меѓународното право и принципите и целите на Повелбата на ОН“, се наведува во заедничката изјава.

Организацијата БРИКС беше основана во 2006 година од страна на Бразил, Русија, Индија и Кина, а Јужна Африка се приклучи во 2010 година.

Оттогаш, групата се прошири на 11 членки, кои заедно претставуваат околу половина од светското население и значителен дел од глобалната економија, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ